Диететичарка открива 5 најздрави намирници кои би требало да ги консумираме секој ден

Сите многу добро знаеме колку е важна правилната исхрана за одржување на нашето здравје. Како што пренесува „EatingWell“, постојат одредени намирници кои треба да ги консумираме секојдневно за да му ги обезбедиме на телото сите потребни витамини, минерали и други хранливи материи кои нѝ се важни.

Со ова се согласува и регистрираната диететичарка Лиса Валенте, која одлучила да сподели 5 намирници за кои смета дека се најздрави на светот.

Бобинки
Бобинките се одличен извор на влакна, хранлива материја која повеќето луѓе не ја внесуваат доволно. Како што објаснува Валенте, влакната помагаат да го одржиме нашиот дигестивен систем здрав, да се чувствуваме сити и се добри за здравјето на срцето. Таа ги истакнува малините и боровинките како најздрави опции меѓу бобинките.

Јајца
Јајцата се, без сомнеж, една од најомилените и најпопуларните намирници. Можеме да ги јадеме како самостоен оброк, но често ги додаваме и во други јадења. Тие се одличен извор на протеини и антиоксиданси, објаснува диететичарката и додава дека треба да ги јадеме секој ден.

Сладок компир
Слаткиот компир е исто така една од најздравите намирници во светот, првенствено благодарение на големите количини на бета каротен и витамин А што ги содржи. Неговиот внес помага во одржувањето на здрави очи, коски и имунолошкиот систем на нашето тело, а студиите покажуваат дека еден сладок компир со средна големина обезбедува речиси 4 пати повеќе од препорачаната дневна вредност на витамин А, но и витамини Ц и Б6, калиум, манган, лутеин и зеаксантин.

Брокула
Оваа намирница содржи големи количини на витамините А, Ц и К, како и фолати, објаснува Валенте. Освен тоа, има уште една причина зошто брокулата често се наоѓа на листите на суперхрана. Имено, таа содржи голема количина на таканаречен сулфорафан, вид на изотиоцијанат за кој се верува дека го спречува ракот така што помага да се стимулираат телесните ензими за детоксикација.

Спанаќ
Валенте нагласува дека зелениот лиснат зеленчук добро влијае на нашето тело. Имено, спанаќот е богат со важни хранливи материи како што се витамините А, Ц и К, но и влакна, железо, калциум, калиум, магнезиум и витамин Е. Истражувањата откриваат дека консумирањето на голема количина зелен лиснат зеленчук како спанаќот може да нѝ помогне при слабеење, да го намали ризикот од појава на дијабетес, да го одржи нашиот мозок млад и да нѝ помогне во борбата против рак.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.