Димитров: Секој конкретен чекор кон членството на Македонија во ЕУ би бил подобар од сегашната ситуација

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров оценува дека сегашната дебата за постепена интеграција се одвива во силен геополитички контекст, главно поради руската агресија врз Украина и напорите на Европската Унија да испрати јасен сигнал до Киев.

„Постои огромен притисок, со оглед на руската агресија врз Украина и напорите за запирање на војната, да се најде нешто опипливо и навистина значајно што ќе ѝ се даде на Украина. Во некои од нацрт-текстовите што стигнуваат до јавноста и медиумите, дури беше споменато и членството следната година за Украина“, вели Димитров.

Тој нагласува дека украинското раководство го третира членството во ЕУ како основна национална цел.

„Украина го става ова прашање во фокусот насекаде. Неодамна бев во Талин, нивниот вицепремиер за европски и евроатлантски прашања зборува за членството во ЕУ како суштина, кауза, цел, надеж за иднината на земјата. Овој притисок е насочен кон Брисел, а тука Европската комисија се труди да понуди нешто“, нагласува Димитров во „Топ тема“ на „Телма“.

Во врска со перспективите на Македонија, Димитров смета дека по повеќе од две децении статус на кандидат, секој конкретен чекор напред би бил подобар од сегашната ситуација.

„Нашата перспектива за ваквите идеи, по сите овие години како земја-кандидат, колку сме направиле, за 21 година? Мислам дека сè конкретно е подобро од статус кво. Сè што би ни дало пристап, особено до кохезиони фондови, до некаква секторска интеграција, сè е подобро од статус кво“, вели Димитров.

Тој додава дека задачата на земјата е внимателно да го следи процесот и активно да се позиционира во новата дебата за иднината на проширувањето.
The post Димитров: Секој конкретен чекор кон членството на Македонија во ЕУ би бил подобар од сегашната ситуација appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: