Дипломатска војна на Србија со неколку земји: Се протеруваат странски државјани, меѓу нив и еден Македонец

Ново заострување на односите меѓу Хрватска и Србија деновиве дојде до израз. Имено по необјаснивото протерување на пет хрватски државјани од Србија, хрватската Влада издаде нови препораки за граѓаните да не се патува во Србија доколку тоа е неопходно.

Во меѓувреме, додека Европската комисија, исто така, изрази загриженост за односот на српските власти кон хрватските граѓани, Министерството за надворешни и европски работи на Словенија соопшти дека меѓу 13-те странски државјани, кои биле приведени и потоа протерани од Србија, се наоѓала и една државјанка на таа земја.

Интересно е што меѓу приведените како што јавува „Н1“ кои наводно се обвинуваат за „загрозување на безбедноста на Србија“, покрај граѓаните на Словачка, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка, се наоѓа и еден македонски државјанин. Од македонското МНР засега нема потврда или демант на ваквата информација.

Според информациите на словенечкото министерство, пак, словенечката државјанка била сослушана во полициска станица во Белград, по што била принудена да ја напушти Србија во рок од 24 часа. Исто така, ѝ била издадена забрана за влез во Србија на една година.

За појаснување, според пишувањата на регионалните медиуми српската полиција во понеделникот навечер привела група странски државјани кои учествувале во работилница на невладина организација од австриски фонд и универзитет. По повеќечасовното задржување, учесниците добиле налог да ја напуштат Србија веднаш, со истата забрана за влез.

Словенечкото министерство додава дека нивната државјанка „не побарала конзуларна помош и дека, според информациите, веќе ја напуштила Србија“, а српските органи досега не ги информирале официјално за инцидентот.

Паралелно на ова Хрватска веќе упатила протестна нота до Србија заради протерувањето на пет хрватски државјанки кои биле учеснички на истата работилница. Не е познато дали и Словенија ќе го направи истото.

„Словенечката амбасада во Белград, заедно со претставниците на другите држави-членки на Европската Унија, чиишто државјани учествувале во инцидентот, ќе ги собере информациите, ќе го разгледа настанот и, согласно со сознанијата и своите овластувања, ќе реагира по потреба“, се наведува во соопштението.

Додека Хрватска испрати протестна нота до соседите, Европската комисија изрази загриженост за односот на Србија кон граѓаните на Хрватска и другите членки на ЕУ, кои беа приведени, а потоа депортирани под изговор дека претставуваат безбедносен ризик.

„Загрижени сме што мирните активисти на граѓанското општество од земјите-членки на ЕУ и регионот на Западен Балкан беа приведени и подоцна побараа од властите да ја напуштат Србија бидејќи претставуваат ‘безбедносен ризик‘“, стои во писмениот одговор на Комисијата како одговор на новинарско прашање околу притворот на петмината Хрвати во Србија.

Комисијата наведува дека „мерките преземени во интерес на националната безбедност треба да се спроведат во согласност со српската правна рамка и во согласност со европските и меѓународните стандарди за човекови права, како и дека „таквите мерки не треба да резултираат со ограничување на слободите на поединците вклучително и странски државјани“.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.