ДИРЕКТОРОТ НА МРТВ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ, ЕКСГАЗДАТА НА „КУРИР“ АЦО МИСАЈЛОВСКИ НА ЧЕЛО СО ГРУЕВСКИ МЕЃУ 9-МИНАТА ОСОМНИЧЕНИ ВО „ПРОПАГАНДА“ НА СЈО, ЗА КУПУВАЊЕ ВМРОВСКИ МЕДИУМИ СО 30  МИЛИОНИ ЕВРА ДРЖАВНИ ПАРИ

Директорот на јавниот сервис Марјан Цветковски, ексгаздите на проврмовскиот портал „Курир“ Ацо Мисајловски и Саше Стојановски, експремиерот Никола Груевски и ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски се меѓу 9-мината во новата истрага на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Пропаганда“, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување. Под истрага во овој случај се и експортпаролот на Министерството за одбрана Захарија Вулгаракис, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ и Елена Колишевска. Ова е една од шесте нови истраги што денеска ги објави СЈО.

ДИРЕКТОРОТ НА МРТВ МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ, ЕКСГАЗДАТА НА „КУРИР“ АЦО МИСАЈЛОВСКИ НА ЧЕЛО СО ГРУЕВСКИ МЕЃУ 9-МИНАТА ОСОМНИЧЕНИ ВО „ПРОПАГАНДА“ НА СЈО, ЗА КУПУВАЊЕ ВМРОВСКИ МЕДИУМИ СО 30  МИЛИОНИ ЕВРА ДРЖАВНИ ПАРИ

Како што објави СЈО, предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомнение дека осомничените деветмина формирале злосторничко здружение на чие чело бил Никола Груевски кој, заедно со осомничените Кирил Божиновски и Ацо Мисајлоски создале група што имала за цел вршење на кривични дела против службената должност.

Делувањето на групата било во две насоки и тоа: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање на локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Имено, осомничениот Кирил Божиновски заедно со осомничениот Никола Груевски, спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за радиодифузна дејност доделувале договори за набавка на услуги – купување на термини за телевизиско и радио емитување или, реемитување на спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи радиодифузери кај кои можеле да влијаат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. За оваа цел во периодот од 2010 до 2015 година од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ“, вели СЈО.

Марјан Цветковски, во конкуренција од 12 пријави во февруари годинава е реизбран на чело на јавниот сервис МРТВ, а на функцијата генерален директор е од 2012.

Ацо Мисајловски на 13 мај 2015,  истиот ден кога брат му Владо Мисајловски, беше избран за нов министер за транспорт, го продаде сопствеништвото на „Курир“ на тогашниот главен уредник Саше Стојановски.

Емил Парнаџиски е сè уште вработен во компјутерскиот оддел на МЕПСО, државната компанија за пренос на електрична енергија, а преку фирмата „Емперијан визион“ поседуваше два медиуми, ТВ Канал Три – Дебар и Телеканал А1 – Струмица.

Владислав Стајковиќ, беше еден од 56-мината аболицирани од претседателот Ѓорге Иванов за криминали што произлегоа од прислушуваните разговори. Тој беше првиот човек на фирмата НВСП, која се споменуваше во бомбите, како фирма на која треба да легне израелската донација за опремата за прислушување. Фирмата НВСП е првиот сопственик на агенцијата за обезбедување СГС, која во јавноста се поврзува со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Оваа фирма воедно беше сопственик на Радио Слободна Македонија и на Три Телевизија Куманово.  Стајковиќ беше и прв директор на „Физни“ пред на тоа место да дојде покојниот и ист така аболициран Коста Крпач, кој се самоуби под нејасни околности.

Според СЈО, воедно, делувајќи по планот на групата, Груевски и Божиновски, помогнати од останатите осомничени припадници на групата, заради  влијание на јавното мислење, спротивно на Законот за радиодифузија и Законот за спречување на корупција, организирале преземање и работење на седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5.250.000 евра.

„Имено, осомничениот Никола Груевски донел одлука партијата ВМРО-ДПМНЕ да има учество во сопственоста и да ја организира и раководи уредувачката политика на седумте локални ТВ станици и едно радио, иако вакво нешто е спротивно на законите. Осомничениот Кирил Божиновски, помогнат од другите осомничени припадници на групата го спровел преземањето на телевизиските станици и радиото и ја организирал нивната работа. Целокупното делување било во насока да се прикрие кој реално ја има сопственоста и контролата на медиумите, а самото финансирање на медиумите било од буџетски средства преку доделување на договори за услуги – купување на термини за телевизиско и радиско емитување на спотови на Владата на РМ“, вели СЈО.

Во објавениот случај се вели и дека за финансирање на овие медиуми биле искористени буџетски средства и на индиректен начин, така што правни лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи учествувале во финансирање на овие медиуми, а ваквиот начин на финансирање бил овозможен токму од осомничените.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.