„360 степени“ откри дека МЗ купува 22 амбуланти возила по цена од 90 000 евра за парче, а кои незначително се разликуваат од оние што ЕУ ги набавила и ѝ ги подарила на државата, а чинеле по 63 000 евра
Освен за овој предмет, Димитровска рече дека денеска во ДКСК е оформен предмет и за јавната набавка на хеликоптери преку Министерството за одбрана
Во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформиле предмет што се однесува на постапката за јавната набавка на медицинските возила преку Министерство за здравство, информираше претседателката на ДКСК Татјана Димитровска во вечерашното интервју на МТВ 1.
Освен за овој предмет, Димитровска рече дека денеска во ДКСК е оформен предмет и за јавната набавка на хеликоптери преку Министерството за одбрана.
„По обезбедувањето на фактичката состојба и докази соодветно ќе донесеме одлука“,
рече Димитровска.
Во врска со јавната набавка на медицинските возила преку Министерство за здравство (МЗ), „360 степени“ изминатите две недели објави стории во кои откри дека МЗ купува 22 амбуланти возила по цена од 90 000 евра за парче.
Проблемот во целата работа е што речиси исти такви возила, пред еден месец, ни подари Европската Унија. Но, Делегацијата на ЕУ ги набавила далеку поевтино, за околу 63 000 евра за парче.
На тендерот на Министерството за здравство за набавка на 22 амбулантни возила се пријавиле само двајца понудувачи, но со драматично различни понуди во цената. Поевтината била дисквалификувана, па де факто е избрана поскапата.
Фирмата што не ги исполнила барањата на тендерот на Здравство е, всушност, истата која неодамна победила на тендерот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, која купи седум амбулантни возила и ги подари на скопската Итна помош. Возилата кои ги купи ЕУ и возилата кои сака да ги купи Здравство се разликуваат незначително во медицинската опрема, но разликата во цена е огромна.
Вториот оформен предмет од ДКСК, за кој информираше Димитровска, се однесува на јавната набавка на осум хеликоптери преку Министерството за одбрана. За оваа набавка, минатата недела информираше министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа рече дека Министерството за одбрана, за потребите на Армијата на Република Северна Македонија, ќе набави осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ за што ќе плати 230 милиони евра. Исплатата ќе се реализира на четири рати, а првата ќе биде исплатена оваа година и е во износ од 16 проценти од вкупната вредност на набавката.
Изборот, како што посочи таа, е направен во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година и плановите на Армијата за обновување на воздухопловната компонента.
За набавката на хеликоптерите Петровска рече дека е уверена во исправноста на одлуката и верува во стручност на тимот што ја донел таквата одлука. Петровска рече и дека својот потпис го ставила бидејќи верува во луѓето кои го спроведуваат овој процес.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак побараа власта да ја стопира оваа одлука во изборен период и за тоа посочуваат дека треба да одлучува идната влада.
Според нив, наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што, како што велат, не ја зголемува борбената готовност на Армијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат и како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што всушност да се набави.
Претседателката на ДКСК во интервјуто говореше и за службените возила кои ги користат институциите.
Таа рече дека законската обврска ја исполниле само 300 од вкупно 1 500 институции и доставиле до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) податоци за службените возила кои ги користат.
Според Димитровска, согласно надлежностите уредени во Изборниот законик, ДКСК е надлежна да води регистар на службени возила, кој содржи податоци за институцијата која ги користи, бројот и таблицата на возилото. Но, како што рече, има слабост на Изборниот законик кој предвидува прекршочна постапка, но не предвидува санкција.
„Новиот состав на ДКСК воспостави соработка со Министерството за внатрешни работи и побара за 1 500 државни институции да достават податоци за службените возила кои ги користат. Бројката која што ја обезбедивме се однесува на 1 500 државни институции, кои располагаат со скоро 12 илјади службени возила. Заклучно со 24 февруари сите институции имаа обврска да ги достават овие податоци, согласно кои ДКСК има право во рок од 15 дена да покрене прекршочна постапка пред надлежен орган за оние институции кои што немаат доставено податоци“,
рече Димитровска во вечерашното интервју за МРТВ.
Таа рече дека ќе покренат постапка за утврдување на одговорност за ова од органите кои вршат избор и именување на овие лица.