Бадник името го добил по гранка од даб – бадник која се сече на тој ден, се внесува дома и се пали. Постојат разни обичаи кои се поврзуваат за овој ден, малку од нив се одржале до денес.
Денес обичаите се прилагодени на времето во кое живееме, па бадникот најчесто се купува на пазар навечер или на самото утро на Божик, се носи дома и се става покрај икона.
Трпезата на Бадник е исклучиво посна и најчесто се подготвуваат риба, подварок или грав, со салата од зелка или компир. Во некои краеви на Србија, за ручек се пие и чаша црно вино со семе од дрен, за среќа и радост во текот на цела година.
Средината на масата, традиционално се украсува со плетена кошница полна со житарици и сушено овошје. Обичајот за сечењето на бадното лепче се поврзува со витлеемските пастири. Тие, на знакот на Ѕвездата дека се родил Исус Христос Спасителот, насекле гранки од бадник и ги однеле во пештерата да запалат оган и да го стоплат бебето Исус и неговата мајка.
Вечерта на Бадник
Вечерта на Бадник, домаќинот на куќата со синовите ги внесува бадникот, сламата и печеницата. Сламата се посипува низ цела куќа, а посебно таму каде што се служи вечера. Бадникот се поставува на огништето и се пали, потоа се пали и свеќа и домашните едни на други си го честитаат празникот, читаат молитва, а потоа се почнува со вечерата која е посна и се ужива во семејниот мир. Се верува дека на овој ден или оваа вечер треба да се врати се што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале, за целата наредна година да помине во мир и слога. Во градовите обичајот е изменет, па така не е необично да се видат многу луѓе собрани крај црквените порти како заеднички палат бадник, се веселат и пеат православни песни.
Божик
Божик е највесел православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос и се слави три дена. Божикното утро почнува така што во рана зора се слушаат ѕвона од сите православни цркви и храмови; се облекува свечена облека и се оди во црква на Божикна литургија; луѓето се поздравуваат и отпоздравуваат со зборовите Христос се роди и Вајстина се роди. Меѓутоа, во градовите, состојбата е малку поинаква и многу граѓани литургијата ја гледаат на ТВ екраните.
Обичај е првиот човек што ќе ни влезе дома на Божик да е положајник, пријател на куќата кој треба на домот и домашните да донесе здравје, среќа, благосостојба и мир. Симболично, положајникот ги претставува тројцата мудреци кои ја следеле ѕвездата од Исток и кој родениот Исус го дарувале со темјан, злато и мириси. По тој повод, постојат многу ритуали кои положајникот ги прави – ја отвора вратата од печката или шпоретот, го распалува огнот изговорувајќи ја бројаницата: – Колку искри толку среќа, колку искри толку пари… привикувајќи така благосостојба за домот во кој дошол. Потоа, домаќинката на куќата го дарува со соодветен подарок.