Говорејќи за европскиот план за нормализирање на односите меѓу двете страни, Курти за „Радио Слободна Европа“ изјави дека тој не му бил претставен во форма на „земи или остави“, туку како платформа за понатамошна дискусија.
Тој повтори дека европскиот предлог е добра основа за разговори, но рече дека не содржи сè што би сакало Косово.
Курти додаде дека очекува интензивен дијалог со Србија, за да се постигне договор „во споменатата временска рамка, а тоа е март 2023 година“.
„Во преамбулата (на нацрт-договорот) има пет реченици и вкупно десет члена. Им ги испратив моите коментари, бидејќи никогаш не ми беше кажано дека ова е предлог ‘земи или остави’. Затоа, никогаш немало таков ултиматум. Затоа рековме дека во принцип сметаме дека е добра основа за понатамошни разговори, за кои се обврзуваме да разговараме секогаш кога сме поканети во Брисел“, рече Курти.
Косовскиот премиер изјави дека многу треба да се разјасни во договорот, бидејќи тој станува целосно применлив откако ќе се отстранат нејаснотиите.
„Сега, на последниот состанок што го имавме на 20 јануари, инсистирав петте земји на ЕУ кои не го признаваат Косово да го променат својот став со чинот на договорот, бидејќи целосната нормализација (на односите) се помага преку признавањето од петорката кои сè уште не се приклучија на мнозинството земји-членки на Европската Унија“, рече тој.
Курти додаде дека неговиот главен приговор, кој го спомнал на последната средба, иако има и други, е поврзан со универзалното признавање кое е потребно во рамките на Европската Унија и НАТО, каде што Косово претендира да се приклучи
Пронајдете не на следниве мрежи: