Слаткото од кајсии е едно од најубавите, а доколку одлучите да го направите, според количината на кајсиите одредете ја количината на шеќер и вода.
За 1 килограм кајсии- 800 грама шеќер и 1 чаша вода.
Кајсиите се лупат, им се вадат семките па се ставаат во варова вода да отстојат 2 часа. Потоа една по една убаво се мијат и се ставаат да се исцедат.
Додека се цедат, од шеќерот и водата се вари шербет кој врие околу 15 минути, па исцедените кајсии се ставаат во шербетот и слаткото се вари на тивок оган додека шербетот не се згусни (околу 30- 40 минути, можеби и малку подолго).
За да проверите дали шербетот е густ, извадете малку во тацна и оставете да се излади. Потоа проценете за густината. Додека слаткото се вари, повремено со лажица собирајте ја пената.
Откако ќе се свари, тенџерето се покрива со влажна крпа (убаво исцедена) и се остава да се излади. Слаткото се собира ладно во ладни тегли.
На здравје.