Во рамките на проектот за доградба и реконструкција на дом на стари лица „Д-р Иван Влашки“ во Берово како дел од развојните цели на Центарот за развој на источниот плански регион, Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Агенција за развој и соработка како и Општината Берово инвестираа над 7 милиони денари и доопремување од страна на Министерство за труд и социјална политика. Поточно, згрижување на 10 нови односно вкупно 39 стари лица во Домот, како и вработување на 7 нови лица, реконструирана зграда со површина од 180 м2, обезбедени 5 нови соби и 10 нови легла или вкупно 20 соби и 39 легла во Домот.
– Со ова покажавме дека ние како Влада со поддршката од нашите пријатели Швајцарската агенција за развој и соработка се грижиме и за најстарите, со градење на дополнителни капацитети на старечките домови, кои што ќе ги користат генерациите кои што цел живот работеле за нас, порача заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски.
Министерството за труд и социјална политика дополнително во овој проект учествува преку Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица, со набавка, испорака и монтажа на опрема во вредност од 1. 328.491,00 денари.
– Грижата за ранливите категории на граѓани, вклучително и старите лица е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Преку унапредување на правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита обезбедуваме поголема грижа и задоволување на потребите на највозрасните граѓани во нашата држава. Оттука e и проширувањето на капацитетот на домот за стари лица Д-р Иван Влашки, кое што произлезе од потребата за опфат на дополнителен број на стари лица од овој регион, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Според швајцарската амбасадорка социјалната инклузија е една од темите која за жал често пати е запоставена. Сепак е една од клучните вредности на Швајцарската конфедерација водејќи се од мотото „Никој да не биде изоставен“ кое е еден од одржливите развојни цели на Обединетите Нации.
– Овој проект претставува добар пример дека преку поддршка на старите лица , ние подржуваме создавање на „заедница која се грижи за сите“. Иако овој проект е мал чекор во процесот на постигнување на социјална кохезија, сепак е добар пример за Владата и локалните власти за поддршка на идни проекти кои се од големо значење за подобрување на социјалните услуги за сите граѓани. Особено ме радува што овој проект е избран од страна на граѓаните, преку регионалните форуми. Граѓанското учество е клучен фактор во процесот на носење одлуки за функционална демократија и економски просперитет, рече амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада.
За градоначалникот на општината Звонко Пекевски, Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки” е единствена установа од ваков тип во источниот регион.
– Задоволството е особено големо, кога крајните корисници имаат квалитетна и добра услуга, која се состои пред се од обезбедување на грижа, хигиена, храна и секако дневна медицинска помош која им се нуди секојдневно на корисниците на домот, Продолжуваме и понатаму да работиме и да ги усовршуваме услугите, во моментот се изработува проект за реконструкција на преостанатите 2 објекти , во кои е предвидено да биде изградена административна просторија и сопствена кујна, што во значителна мера ќе ги олесни услугите и ќе овозможи нови работни места, додаде градоначалникот.
Унапредувањето на социјалната заштита во регионот, демографскиот диспаритет на ниво на Источниот плански регион се појдовна основа за спроведувањето на овој проект. Грижата за старите лица, како приоритет е влезен и во локалните развојни стратегии и во Програмата за развој на Источен плански регион 2021-2026.
– Од оваа година овој процес на спроведување на регионални консултации – форуми е и наша законска обврска, како алатка се влезени во новиот Закон за рамномерен регионален развој, како регионално тело имаме обврска да ги почитуваме насоките дадени од страна на населението во Источниот плански регион, со единствена цел да дадеме придонес во подобрувањето на квалитетот на живот не само на старите лица туку и на целокупното население во Источниот плански регион, истакна претседателот на Источен плански регион и градоначалник на општина Штип, Сашко Николов.
За директорка на домот за стари лица Марија Цикарски старите лица се столбот на нашето општество и ние треба да им обезбедиме соодветна грижа и нега како и достоинствен живот.
– Отворањето на третата ламела овде во домот, е од големо значење не само за Берово, туку и за целиот источен регион, со што се зголеми капацитетот за уште десет легла, а со тоа се намалува големата листа на чекање. За убавината, негата, грижата и топлината која што се чувствува во овој дом, можат да кажат корисници кои што веќе години наназад ги користат нашите услуги, порача таа.
За Даница Бубевска е добро што во собите се сместени по две, имаат телевизор, засебно купатило, решо, може да се другарува, да се пие кафе, да се разговара.
– Јас сум меѓу првите жителки во домот и сум пресреќна, од тука не би сакала да си одам, додаде таа на крај која беше поздравена со аплауз.
На настанот присуствуваа заменик претседателот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски, градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пеќевски, претседателот на Источен плански регион и градоначалник на општина Штип, Сашко Николов, раководителката на Центарот за развој на Источниот плански регион, Зујица Ангелова и директорке на домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“, Марија Цикарска.
Пронајдете не на следниве мрежи:
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.