Доцна вечерва во грчкиот Парламент ќе се гласа Договорот од Преспа

Со задоцнување од 15 минути почна вториот и последен ден од расправата на пленарната седница во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, што ќе кулминира доцна вечерва со гласање на пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.
За расправа се пријавени 206 пратеници, а во текот на вчерашниот ден збор зедоа 58. Освен пратениците, говор ќе одржат и министрите од Владата, а откако ќе се исцрпи целиот каталог, пред самото гласање збор ќе земат и лидерите на политичките партии.
Свое обраќање последни ќе имаат претседателот на опозициската “Нова демократија“, Кирјакос Мицотакис и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Се очекува двајцата да ги повторат и потенцираат нивните аргументи “против“ односно “за“ Договорот од Преспа. По говорот на Ципрас, ќе следи и јавното гласање со прозивање на секој од пратениците.
Паралелно со расправата за попладневните часови во центарот на Атина закажани се и протести против Договорот од Преспа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.