Доаѓа пролетта, а со тоа и време на генералните чистења. Зошто тоа да не важи и за вашата фитнес рутина?
Размислете до каде сте со остварување на вашите фитнес цели, кои активности ви носат најголеми придобивки, а што ве држи во место.
Поставете си ги следниве прашања: До каде стигнав? Која е мојата крајна цел? Што го спречува мојот напредок? Дали правам сѐ што можам за да ја остварам таа цел?
Без ралика дали целта ви е слабеење, одржување на одредена тежина или форма, билдање мускули или подготвување за маратон, ако не вежбате со план и конкретни методи, може да се обесхрабрите и да се откажете.
Најдобро би било да ангажирате личен професионален тренер за вашата фитнес цел со кој ќе можете најорганизирано да пристапите кон нејзино реализирање. Ако не сте во можност, следете ги следниве совети:
Ако сметате дека стоите во место и не забележувате напредок, сменете го интензитетот, траењето или бројот на тренинзите. Добра идеја е да внесете и други измени како нови содржини на вашиот тренинг.
На пример, ако ви недостига флексибилност, додадете јога или пилатес на неделната рутина.
Ако ви треба кондиција, почнете да трчате, научете да дишите правилно и да одржувате темпо.
Ако ви недостига снага, обидете се со лесни тегови и постепено зголемувајте ја тежината.
Спиењето и здравиот, непрекинат ноќен сон е многу важен дел од фитнес рутината и општото здравје. Ако не сте доволно наспани (препораката е седум до осум часа ноќен сон), можеби е подобро да се наспиете, отколку да одите во теретана.
Честопати се држиме до она што ни се допаѓа, а не го правиме она што е потребно.
Ако имате над 40 години, треба да се чувате од повреди, па не правете нагли промени без да се посоветувате со тренер и доктор.
Решението не е секогаш да вежбате повеќе, туку да вежбате правилно.