И покрај тоа што кучињата-скитници се проблем во ингеренција на локалните власти, Владата ќе бара помош од Брисел, преку ИПАРД програмите да се изгради стационар кој ќе биде дом за тие кучиња, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање.
Тој се сложува дека проблемот со бездомните кучиња е голем и секојдневно, рече, сме сведоци на напади врз граѓани.
Потенцирајќи дека тоа е исклучителна надлежност на општините, Ковачевски оцени дека не станува збор за тоа дали градоначалниците имаат моќ или не, туку за тоа дали имаат фокус, посветеност и волја да се справат со проблемите.
„Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД програмите, доколку може да се направи некој модел на одреден стационар којшто ќе може да биде некаков државен проек, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем Бидејќи се работи за навистина голем проблем, а гледам дека градоначалниците воопшто не се занимаваат со него“, рече Ковачевски.