МКС вчера побара да се издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување истребување, предизвикување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање цивили во конфликт“
Сите држави што ги ратификувале статутите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) се должни да ги спроведуваат неговите одлуки, порача високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел во врска со повикот на обвинителот на МКС да издаде налог за апсење на лидерите на Израел и Хамас.
„Мандатот на МКС, како независна меѓународна институција, е да ги процесуира најтешките злосторства според меѓународното право“,
напиша Борел на социјалната мрежа Икс.
The mandate of the ICC, as an independent international institution, is to prosecute the most serious crimes under international law.
All States that have ratified the ICC statutes are bound to execute the Court’s decisions. 2/2
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) May 20, 2024
МКС вчера побара да се издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување истребување, предизвикување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање цивили во конфликт“.
Се бараат и налози за апсење на водачите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.
Американскиот претседател Џо Бајден се спротивстави на барањата на главниот обвинител на меѓународниот кривичен суд Карим Кан за издавање налози за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и други високи израелски функционери, оценувајќи ги како „срамни“.
И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху реагираше остро на веста дека главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан бара налози за негово и апсење на министерот за одбрана на земјата Јоав Галант.
Нетанјаху барањето на Кан го нарече апсурдно, оценувајќи дека тоа е насочено против цел Израел.
Одлуката на Судот во Хаг против израелски политичари, како што објави вчера Си-ен-ен, е првпат на тапет да биде ставен главниот лидер на близок сојузник на САД. Ова го става Нетанјаху во друштво на рускиот претседател Владимир Путин, по кого Судот во Хаг издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина.
Израел и Соединетите Американски Држави не се членки на Меѓународниот кривичен суд. Сепак, Судот тврди дека има јурисдикција над Газа, Источен Ерусалим и Западниот Брег, откако палестинските лидери формално се согласија да бидат обврзани со принципите на Судот во 2015 година.