Д-р Јота е жив, не е на респиратор и состојбата му е подобрена

Докторот Ѓорѓи Јота, кој пред десетина дена беше прегазен од автомобил управуван од малолетник е жив и неговата состојба е подобрена, потврди директорката на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ, д-р Маја Мојсова. Во телефонски разговор директорката Мојсова вели дека состојбата на д-р Јота е подобрена, но сè уште сериозна и лекувањето продолжува. Апелите се да не се шират лажни вести, бидејќи утрово еден медиум објави информација дека доктор Јота починал.
„Состојбата на д-р Јота е подобрена и тој веќе не е на респираторна машина. Рано е да кажеме било што бидејќи сè уште состојбата е сериозна. Лекувањето продлжува и будно и постојано ја следиме неговата состојба“, ни изјави директорката на КАРИЛ, д-р Мојсова.
Таа вели дека во ваква состојба најмалку што треба е да се шират лажни вести дека д-р Јота починал и апелира медиумите да објавуваат само проверени и официјални информации.
Патничкото моторно возило БМВ Х6 управувано од малолетник удри во хирургот и сериозно го повреди, по што со тешки повреди тој беше префрлен во болница.
„Доктор Јота има тешка повреда на главата. Се наоѓа на oдделот за интензивно лекување. Има нагмечување на мозокот и белите дробови и поставен е на респираторна машина. Сега се преземаат сите мерки на интензивно лекување”, изјави министерот Филипче ден по сообраќајката.
Судија определи куќен притвор и одземање на пасошот за 16-годишникот кој управувајќи возило без возачка дозвола го прегази хирургот.
„Иако немал возачка дозвола, тој управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот „Мајка Тереза” во Скопје и кога дошол на раскрсницата со улицата „Елисие Поповски Марко” не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин не го управувал автомобилот со брзина која би му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин“ информира од Обвинителството.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.