Собор на Светите славни и сефални апостоли
Иако секој од Светите големи апостоли има свој посебен ден за празнување во годината, сепак овој ден Црквата го одреди како соборен празник на сите заедно, а со нив и Павле. Ова се имињата и деновите на посебното празнување на Дванаесеттемина: Петар – 29 јуни и 16 јануари; Андреј на 30 ноември; Јаков Заведеев на 30 април; Јован Богослов на 26 септември и на 8 мај; Филип на 14 ноември; Вартоломеј на 11 јуни и на 25 август; Тома на 6 октомври; Матеј евангелистот на 16 ноември; Јаков Алфеев на 9 октомври; Тадеј на 19 јуни; Симон Зилот на 10 мај; Матиј на 9 август; Павле на 29 јуни. Да спомнеме уште за начините како секој од овие најсвети и најполезни луѓе во историјата на светот го заврши својот живот на земјата: Петар беше распнат на крст главечки; Андреј беше распнат; Јаков Заведеев го убија со меч; Јован Богослов се упокои чудесно; Филип беше распнат на крст; Вартоломеј – распнат, па одран и заклан; Тома беше избоден со пет копја; Матеј го изгореа во оган; Јаков Алфеев – распнат на крст; Тадеј – распнат; Симон Зилот – распнат; Матиј го каменуваа, па мртов го расекоа со секира; Павле го убија со меч.
Тропар
Првопрестолници на апостолите, и учители на вселената, Господарот на сите молете Го, да ? дарува мир на вселената, а на душите наши – милост голема.
Кондак
Каменот Христос, денес светло го прославува каменот на верата – избраниот меѓу учениците, и со Павла целиот собор на дванаесетмината (апостоли). Верно извршувајќи го нивниот спомен, Го славиме Оној што нив ги прослави.
Блажениот принц Петар
По потекло Татарин, син на татарскиот цар Беркај. Словото за спасението го слушна од ростовскиот епископ Кирил и му се прилепи за срцето. Кога го виде чудесното исцелување на Беркаевиот син со помош на молитвата на истиот епископ Кирил, тајно ја остави Златната Орда и побегна во Ростов. Тука се крсти и сиот се предаде на подвиг и изучување на благочестивата вера. Еднаш ноќеваше на езерски брег, а во сон му се јавија Светите апостоли Петар и Павле и му наредија на тоа место да изгради црква ним посветена. За ова потребните пари ги доби од нив. Петар навистина изгради овде прекрасен храм во којшто и самиот на старост, по смртта на својата сопруга, се замонаши. Мирно се упокои во длабока старост, на 29 јуни 1290 година, а неговата црква стана и остана манастир, по него наречен Петровски.
Преподобен Георгиј Иверски
Роден во Иверија (Грузија) 1014 година, како роднина на грузиските цареви. Се здоби со солидно класично образование во детството, но срцето го влечеше кон духовниот живот. Се подвизуваше кај прочуениот духовник Георгиј во гората Црна. Побегна на Света Гора и продолжи со подвигот во манастирот Ивер. Стана Иверски игумен. Со помош на царот Константин Мономах го обнови Иверскиот манастир и ја покри црквата со олово. Тој оловен покрив стои до денес. На грузиски јазик ги преведе Светото Писмо, Прологот и богослужбените книги. Царот Баграт го повика во Грузија да го учи народот. Во својата татковина беше дочекан царски. Одеше насекаде и го поучуваше клирот и народот. На старост посака да умре на Света Гора, каде што и тргна, но смртта го затекна во Цариград, 1067 година. Моштите му ги пренесоа во Ивер. Иако умре на 24 мај, Иверците го празнуваат неговиот спомен на 30 јуни и го сметаат за рамноапостолен.