Европејците држат финансиско оружје против САД: Еден потег би можел да ги урне пазарите

Американскиот министер за финансии Скот Бесант изјави на Светскиот економски форум во Давос дека идејата Европа да одговори со продажба на американски државни обврзници – поради американските планови да ја преземат контролата врз Гренланд – е нелогична и нефункционална. Сепак, самата можност за таков потег беше доволна пазарите да реагираат и да предизвикаат бран продажба на американскиот долг, што уште еднаш ги разоткри клучните проблеми на американската економија: високиот јавен долг и буџетскиот дефицит.

Трамп претходно се закани дека ќе воведе царини од 10 проценти за сите европски земји кои се противат на неговиот план за Гренланд, додека царините би можеле да се зголемат на 25 проценти за земјите кои би испратиле војници на островот. Засега, тврди тој, се откажува од тоа, наведувајќи дека постигнал одреден „рамковен договор“ за Гренланд со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Европа држи огромен дел од долгот на САД

Европските инвеститори се меѓу најголемите иматели на американски државни обврзници. Само Велика Британија поседува околу 800 милијарди долари, Белгија 399 милијарди, Луксембург 328 милијарди, Швајцарија 243 милијарди, додека Норвешка поседува околу 218 милијарди долари американски долг.

Вкупно, европските инвеститори држат околу 3,6 трилиони долари во американски обврзници. Евентуалното прекинување на купувањето или масовната продажба на тој долг би имало катастрофални последици за глобалниот финансиски систем.

Причината е едноставна: американските државни обврзници се основа на светските капитални пазари, додека доларот е валутата во која се одвива повеќе од половина од светската трговија, вклучувајќи ја и трговијата со нафта и злато.

Инвеститорите ја губат довербата, но не од политички причини

Сепак, непредвидливите економски политики на Трамп сè повеќе ги одвраќаат инвеститорите од американските средства – не од политички причини, туку од чиста финансиска логика.

Една од најголемите инвестициски куќи во светот, „Пимко“ (PIMCO), објави намалување на својата изложеност на американски обврзници токму поради неизвесноста и ризиците што ги носи сегашната политика на Вашингтон.

На ист начин размислува и еден дански пензиски фонд, кој планира да продаде американски обврзници во вредност од 100 милиони долари до крајот на месецот, иако поседува дури 25 милијарди долари американски долг. Во тој фонд веруваат дека долгорочното финансирање на американската држава станува неодржливо.

Зошто сепак нема да има масовна продажба?

Аналитичарите проценуваат дека брзата и масовна продажба на американски обврзници во Европа е малку веројатна, и покрај падот на нивната привлечност. Причината е што ненадејната продажба би предизвикала големи загуби за пензиските фондови, што би било политички тешко да се оправда.

Дополнителен проблем е што најголемите сопственици на американски обврзници во Европа се приватни инвеститори, па државите би морале да координираат секој сериозен потег со нив.

Зошто американските обврзници сè уште се барани

И покрај сè, американските државни обврзници сè уште имаат силна побарувачка, првенствено благодарение на доминацијата на американскиот технолошки сектор и фактот дека САД имаат најразвиен и најликвиден пазар на капитал во светот, заклучува шпанскиот весник „ Ел Паис“ .

The post Европејците држат финансиско оружје против САД: Еден потег би можел да ги урне пазарите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: