Европската комисија застана на страната на полскиот премиер Доналд Туск, повикувајќи го полскиот претседател Карол Навроцки да го одобри именувањето на нови судии со цел да се надмине длабоката политичка криза во Варшава.
„Од полските власти зависи да гарантираат дека Уставниот суд може да функционира во согласност со полскиот Устав и со почитување на релевантната судска практика на Судот на правдата на Европската унија“, изјави портпарол на Европската комисија.
Тој посочи дека именувањето на осум нови членови на Уставниот суд е во уставна надлежност на Сејмот, долниот дом на полскиот парламент, но истакна дека претседателот Карол Навроцки одбил да го одобри нивното именување.
Поради тензиите околу смената на претседателот на Уставниот суд, во ноќта кон саботата пред судот во Варшава се одржаа протести, при што дошло и до судири.



