Европската унија нема или пак не сака да применува механизми по укинувањето на динарот од страна на Приштина, вели Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на средба со високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел и претставникот за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак им соопштил дека се надева дека ќе се најде решение за укинувањето на динарот на Косово

Европската унија нема или пак не сака да применува механизми кон Приштина, и тие се подготвени да прифатат преоден период за укинување на динарот на Косово, рече денеска српскиот претседател Александар Вучиќ пред српските новинари во Минхен. Тој кажа дека таквиот впечаток го добил од денешната средба со високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

„Во врска со тоа, можам само да кажам дека ми се чини дека Европската унија или нема или не сака да применува механизми кон Приштина, која спроведува не само еднострани мерки, туку на секој начин се обидува етничко да го исчисти Косово од Србите и тоа е она што можев да го видам низ одговорите“,

рече Вучиќ.

Српскиот претседател кажа и дека Србија е подготвена да учествува во секој разговор, но дека сака да види резултати, а не само дека од Србија „се бара и очекува, а Приштина да не исполнува“, но и дека во наредните денови очекува покана за Брисел и дека се надева на некакво решение.

Претходно, европската комисија изрази жалење што последната одлука на косовската Централна банка за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, која стапи во сила од први февруари, била донесена без претходни консултации.

„Оваа одлука може да има последици врз српската и врз другите заедници во Косово“,

рече Мамер.  

Повик за воведување доволно долг преоден рок за примена на одлуката за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, со цел да се најде решение за ова прашање по пат на преговори, упати и портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.  

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на писмото на амбасадорите на Квинт упатено до косовскиот премиер Албин Курти со кое се бара одлагање на примената на оваа одлука, Стано истакна дека ЕУ е свесна за последиците што таа ќе ги има врз припадниците на српската заедница во Косово.  

„Оваа одлука ќе има влијание врз секојдневниот живот на огромното мнозинство косовски Срби кои примаат плати или финансиска помош од Србија во српски динари. Затоа, имајќи ги предвид потенцијалните последици од оваа одлука врз процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија, очекуваме дека оние аспекти кои се однесуваат на српската заедница ќе бидат опфатени со дијалогот што се води со посредство на ЕУ“,

изјави Стано.

Во Косово од 1 февруари почна да се применува регулативата на Централната банка (ЦБК), која предвидува плаќања во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра, со преоден период за граѓаните да се приспособат на регулативата.

Во указот на Банката се наведува дека ваквата уредба е донесена согласно Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на валутата евро за оптек на територијата на Косово“.

Сепак, Централната банка на Косово наведува дека другите валути може да се користат само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки, за меѓународни плаќања или девизни активности.

Белград ги обвини властите во Приштина дека со оваа одлука се обидуваат да го откажат дијалогот и да го протераат српскиот народ од Косово, а српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е убеден оти меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.

Тој побара од Европската Унија и меѓународната заедница да извршат притисок врз Приштина да ја повлече одлуката.

Пронајдете не на следниве мрежи: