Разликата во распоредот на освоени мандати е направена со прегласувањето во Општина Желино во изборната единица 6. Во петтата изборна единица, пак, како што соопшти претседателот на ДИК, нема промена во мандатите. Сега коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има 18 пратеници, а „Вреди“ 14 мандати
Коалициајта „Европски фронт“ предводена од ДУИ загуби еден пратеник за сметка на коалицијата „Вреди“ во шестата изборна единица по денешното прегласување на парламентарните избори. Ова е јасно од првичните сумирани резултати кои вечерва ги објави Државната изборна комисија (ДИК), според кои и „Европскиот фронт“ и „Вреди“ имаат освоено по осум пратенички мандати во оваа изборна единица.
„Во изборната единица 6, коалиција ‘Европски фронт’ има освоено вкупно 53 731 глас, односно осум мандати, а коалицијата ‘Вреди’ 47 849 гласа или осум мандати“,
соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на вечерашната прес-конференција.
И „Европскиот фронт“ и „Вреди“ сега имаат по осум пратенички места во изборната единица 6. Според резултатите од гласањето на 8 мај, пак, коалицијата предводена од ДУИ освои девет пратеници, а коалицијата на опозициските партии на Албанците доби седум пратенички мандати во оваа изборна единица. Вкупниот број на пратеници кои според гласањето на 8 мај ги освои „Вреди“ беше 13, а 19 пратеника освои „Европскиот фронт“.
Со денешното прегласување соодносот на мандати е 18 за „Европскиот фронт“ наспроти 14 за „Вреди“.
Разликата во освоените мандати е направена со прегласувањето во Општина Желино во изборната единица 6. Во петтата изборна единица, пак, како што соопшти претседателот на ДИК, нема промена во мандатите.
По денешното гласање на седум избирачки места во петтата и шестата изборна единица нема промена во бројот на освоени мандати кај останатите партии.