ЕДНА НЕДЕЛА ВО УЧИЛИШТЕ, ЕДНА НЕДЕЛА ОНЛАЈН: Почнаа разговорите за старт на учебната година

Се бара модел по кој најбезбедно ќе почне новата учебна година. На нешто повеќе од еден месец надлежните почнаа да кројат планови и да бараат решенија како децата ќе продолжат во училиште. Од Комисијата за заразни болести велат дека во ниту еден случај децата не смеат целосно да остана дома и од 1.септември наставата да продолжи како што беше второто полугодие. Вчера се одржа првиот состанок со претставници од Министертсвото за образование и наука, но без министерот Арбер Адеми, кој во моментов е се уште во изолација, бидејќи е позитивен на корона вирусот.
Од Комисијата за заразни болести, за Фактор велат дека претставниците од МОН дошле со конкретни предлози, но се уште е рано за да се каже како ќе биде организирана наставата.
-Не смее да ни се случи основците и средношколците и од септември да останат дома. Секаде во светот наставата се организира некако. Претставниците кои вчера присуствуваа на состанокот имаа некои предлози, во смисла оние училишта кои бројат многу деца, а тоа се во Скопје, Куманово и во Тетово, наставата да биде организирана така што децата би биле поделени во групи. Наизменично да се следи наставата една недела во училиште, една недела онлајн, а часовите да траат по 30 минути. Ова секако нема да важи за сите училишта подеднакво. Во некои училишта во земјава има само по десеттина деца. Таму единствено што ќе треба е да се почитуваат општите мерки и протоколи, односно дезинфекција на клупите, просториите, тоалетите, и така натаму, како и задолжително носење маска и одржување растојание. Што значи дека ќе може да се обезбеди непречено физичко присуство во училиштата. Онлај настава е многу потешко да се организира на целата територија на земјава, бидејќи дел од луѓето во некои села немаат ниту компјутери, ниту интернет, велат за Фактор членови на Комисијата за заразни болести.


За ова прашање, Фактор разговараше и со неколку наставници кои се децидни дека каков модел да се избере за физичко присуство во училиштата, ќе биде многу подобар од онлај учење.
-Најважно е во клупите да седнат првачињата кои за прв пат ќе осознаат што е институцијата училиште, наставник и обврски. Оние дечиња кои преминуваат од 5 во 6 одделение, исто така мора да се видат со класниот раководител, кој по прв пат ќе ги запознае, како и бројните наставници кои по прв пат ќе почнат да им ги предаваат предметите. Посебно важен момент е исто така за средношколците кои сега ќе бидат прва година. Практично и тие се првачиња, но малку поголеми…Нова средина, нови професори, нови друштва….Нашиот генерален став е дека одењето во училиште е од исклучителна важност за секое дете и не смее да дозволиме годината да се почнува од дома, велат наставниците.
Истовремено, загрижени се и родителите, кои сметаат дека учењето по електронски пат не го добива потребниот квалитет на образовние, заради што велат дека овие генерации никогаш нема да го надоместат изгубеното, ако не одат во училиште.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.