Проруската националистичка бугарска партија „Преродба“ потпишала договор за соработка со владејачката партија во Русија, „Единствена Русија“ на Владимир Путин, пишува „Еурактив“.
„Договорот предвидува размена на искуства, идеи и политичка пракса меѓу двете партии и претставува важен позитивен чекор кон обновата на целосните бугарско-руски односи“, соопшти опозициската партија на прес-конференција.
Договорот го потпишале заменик-претседателот на „Преродба“ Цончо Ганев, кој е и потпретседател на Бугарскиот парламент, и Владимир Јакушев – заменик-претседателот на Горниот дом на Државната дума на Руската Федерација.
„Преродба“ е третата најголема партија во бугарскиот парламент по изборите во октомври лани, со 33 пратеници од вкупно 240. Партијата отворено се противи на членството на Бугарија во Европската Унија и НАТО и се залага за неутралност во конфликтот во Украина. Таа безуспешно се обиде да иницира и референдум за забрана на воведувањето на еврото во земјата.
Популарноста на десничарско-популистичката партија предводена од Костадин Костадинов (кому поради проруските позиции Украина му забрани влез во земјата во 2022 година) порасна благодарение на цврстите ставови против вакцините и карантинот за време на пандемијата, за таа со време да израсне во сериозен фактор на бугарската политичка сцена.



