„Едно зборува, друго прави“ – Брисел се сомнева дека Вучиќ купува време и чека Европа да сврти надесно

„Ако во последно време имаше нејаснотии: да, Србија и натаму е на листата кандидати за членство во Европската Унија. Со оглед на бруталното постапување кон студентите кои протестираат, може да се посомнева во официјалниот проевропски курс на владата“, пишува „Süddeutsche Zeitung“ (SZ), пренесе ДВ.

Новинарот на минхенскиот весник, Тобијас Цик, додава дека ниту состојбата со медиумските слободи не укажува баш на тоа дека Белград сака да влезе во често споменуваната заедница на вредности.

„Најмалку 91 напад врз новинари се евидентирани во текот на 2025 година, како што утврди едно струковно здружение, а сторителите по правило остануваат неказнети. Антикорупциските активисти, од друга страна, се соочуваат со лавина тужби“.

Авторот понатаму наведува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не е само човек кој знае како да ја зацврсти својата власт во земјата, туку е и врвен комуникациски професионалец.

„За тоа сведочи веќе и неговата биографија: за време на војната на Косово кон крајот на деведесеттите беше министер за информирање во владата на тогашниот претседател и воен злосторник Слободан Милошевиќ. Професионалната комуникација секогаш подразбира и вистински тајминг. Белград и тука неодамна изведе вистински мајсторски потег“.

Вучиќ купува време
Во текстот се потсетува дека кон крајот на јануари новата работна група на српската влада ја одржала својата прва седница и се додава дека нејзината улога е „координирање, забрзување и унапредување“ на мерките за „европската интеграција“ на Србија.

„На чело на тимот е амбасадорот на Србија при ЕУ во Брисел. Во исто време во Белград Вучиќ потпиша пакет закони кои, како што се наведува, треба да го направат правосудството подобро и поефикасно. Според мислењето на критичарите, целта е ограничување на работата на специјалното обвинителство за борба против организираниот криминал. Тоа обвинителство неодамна покрена повеќе постапки против државни функционери и партиски кадри. Врз основа на неговите истраги, блискиот соработник на Вучиќ, поранешниот министер за надворешни работи, а сега министер за култура, Никола Селаковиќ, ќе мора да одговара пред суд поради фалсификување документи“.

Минхенскиот весник понатаму пишува дека Европската комисија изразила „загриженост“ и ја повикала Србија на „итна ревизија“ на реформата во правосудството.

„Како што предупреди комесарката за проширување Марта Кос, станува збор за „сериозен чекор наназад“ на патот на Србија кон ЕУ: ‘Тоа не е она што го сакаме’. И блискоста на Белград со Русија се смета за сериозна пречка на патот кон Западот. Во Брисел постои сомнеж дека Вучиќ купува време и смета на тоа дека Европа ќе станува сè понационалистичка“.

Што, всушност, ЕУ сака од Србија?
Во текстот се наведува и дека Србија не секогаш добивала сосема јасни сигнали од Брисел, Париз или Берлин.

„Да се потсетиме на владите на Ангела Меркел и Олаф Шолц, во време на кои Вучиќ повремено беше пречекуван речиси со раширени раце. Наводен гарант на стабилност на инаку на кризи склониот западен Балкан, а притоа и некој што располага со значајни резерви на литиум потребен за нашата автомобилска индустрија – кој би сакал таков партнер да го одбие со претерано критички тонови?“

Авторот на текстот, Тобијас Цик, оценува дека ЕУ, во меѓувреме, настапува позахтевно кон својот кандидат за членство, но и додава дека српската влада знае како да ја прилагоди својата комуникација на тоа.

„Министерот за правда Ненад Вујиќ во понеделникот изјави дека постои начелна подготвеност за „доработка“ на новите закони за правосудството. Европската комисија ќе биде редовно информирана за сè. Студентите, кои веќе повеќе од една година излегуваат на улиците барајќи демократија и владеење на правото, ваквите тактички пораки тешко дека ќе ги импресионираат. Од Европската Унија и онака повеќе не очекуваат многу“.

„Претседателот наводно сака кон Западот, но чекори во погрешна насока“, заклучува „Süddeutsche Zeitung“.

Пронајдете не на следниве мрежи: