ЕСМ ЗАБРЗАНО СЕ ЗАДОЛЖУВА, потрошило дури 48 милиони евра за набавка на струја во последните три месеци

Речиси педесет милиони евра државата плати за набавка на струја во последните три месеци за да може да има непречено снабдување со струја за граѓаните во Македонија, објави Телма.

Домашните капацитети кои или се во ремонт или работат од испад до испад со производството покриваат околу две третини од вкупната побарувачка на струја а остатокот се покрива со набавките.

Според официјалните податоци на ЕСМ за месеците ноември, декември и јануари државната компанија потроши вкупно 47.771.808 милиони евра со кои купи 328.310 мегават часови струја.

Новата 2025 година ЕСМ ја отвори со набавка на 74.400 мегават часови струја за кои плати 11.656.843 евра, а 2024 година ја затвори со рекордна набавка на 148.310 мегават часови струја за кои плати рекордни 19.951.651 евро. Во ноември минатата година ЕСМ од отворениот пазар купи 105.600 мегават часови струја за кои плати 16.163.280 евра.

За илустрација, парите потрошени за набавка на струја се повеќе од половина од долгот кој државната компанија го има кон домашните банки.

ЕСМ во моментов располага со делумно функционалниот РЕК Битола кој работи со два блока, а тоа го покажуваат официјалните бројки од дневното производство, хидроцентралите и ветерниот парк во Богданци.

Според официјалните податоци вчера ЕСМ произведе 12.793 мегават часови струја, но колкава била потрошувачка не е познато бидејќи податоците кои треба да ги има МЕПСО не се ажурирани веќе трет ден.

Производната цена на ЕСМ за мегават час варира во зависност од капацитетот кој ја произведува а во просек изнесува 118 евра. Продажната цена пак на мегават час на ЕСМ кон универзалниот снабдувач е речиси двојно пониска – 62 евра односно со загуба од 56 евра по мегават час.

Дополнително ЕСМ заглави во загуба од 22, 6 милиони евра во третиот квартал година и со оваа сума се најде на врвот на листата на загубари на Министерството на финансии.

Откако министерката за финансии одлучи да нема државна помош односно субвенции за ЕСМ, А владата да нема помош од унгарскиот заем, државната компанија се задолжи 82 милиони евра од домашни комерцијални банки, а се разгледува можноста и за дополнителен кредит.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.