За македонските компании кои произведуваат челик и алуминиум од идната годинаќе важат новите мерки за ограничен извоз во ЕУ. Со оваа мерка можните загуби кои ќе ги трпи Македонија се проценуваат на околу 100 милиони евра годишно. Каква жешка шлаканица од Брисел за Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска наспроти толку оптимистичките изјави дека 2019. ќе биде година на економијата.
На вчерашната средба со новинарите, како што истакна вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, формалната нота од Брисел за воведувањето конечни заштитни мерки, како контрамерки на САД, со кои се ограничува извозот на челик и алуминум во ЕУ ја добиле во петокот и веќе имале средба со компании од оваа индустрија.
– Согласно новата формулација, земен е просекот на извоз на овие компании од 2015, 2016 и 2017 година зголемен за пет насто раст. Се што го надминува тој износ ќе биде царинето со 25 насто. Тоа ќе значи големи проблеми за нашата индустрија на челик и алуминиум, која сериозно придонесува во БДП на државата. Проценките се дека штетата би можела да биде до 100 милиони евра на годишно ниво на извозот – рече Османи.
Привремените мерки ЕУ ги воведе во јули, а наведените конечни мерки треба да траат три години. Од Владата, како што вели Османи, не се откажуваат од обидите да ја убедат ЕУ дека Македонија треба да биде исклучена од овие мерки.