Заборавете на овие 6 прашања ако сакате да изградите самодоверба!

Секој од нас има моменти во кои се преиспитува, но постојат одредени работи кои никогаш не треба да ги доведувате во прашање, па дури ни кога ќе ве фатат моменти на слабост. Не е лесно да се спротивставите на потребата за преиспитување или самообвинување. Ако страдате од анксиозност или депресија тоа е „составен дел“ од секој ваш ден. Но, постојат некои работи кои никогаш не би требало себеси да си ги правиме, а поставувањето на следниве прашања е меѓу првите што се наоѓаат на „забранетата листа“. Не е лесно да се промени начинот на размислување и да се излезе од вообичаените обрасци, но вреди да се обидете. Заборавете на следниве 6 прашања!
1. Дали им се допаѓам?
Сакате да им се допаднете на колегите на работа, на семејството, на пријателите, на личноста што ви е драга. На некое ниво секој сака да им се допадне на луѓето. Можеби се прашувате дали ве сака вашиот шеф или колегите на работа. Можеби не е важно што тие секој ден јасно ви покажуваат дека сте им драги, еднаш кога ќе тргнете да размислувате колку е важно да му се допаднете некому готово е со рационалниот пристап на проблемот. Кога ќе забележите дека сте тргнале по тој пат, пробајте да го смените таквото размислување со тоа што вам ви се допаѓа кај вас самите. Тоа е подеднакво важно – најважно е да бидете задоволни од себе.


2. Дали тоа беше грешка?
Секој од нас во животот направил некои грешки, тоа е човечки. Но, не би требало себеси да се обвинувате со години за секоја направена грешка. Луѓето не се богови, тие се само луѓе и како такви грешат, вклучувајќи ве и вас. Немојте да бидете строги кон себе повеќе отколку што би биле кон некој што го сакате. Единствено што се смета на крајот е дали сте научиле нешто од тие грешки што сте ги направиле во животот.
3. Што ако сè тргне наопаку?
Ако ве очекува нешто со коешто не сте се сретнале порано, природно е да имате трема. Не е едноставно да се исчекори од личната зона на удобност. Но, ако секој пат кога треба да пробате нешто ново се прашувате дали сè ќе тргне наопаку, ќе се мачите бесконечно бидејќи кога ќе го усвоите таквиот образец на мислење многу е тешко да се прекине. Постојаната изложеност на стрес остава и физички последици во вид на висок крвен притисок или вишок килограми. Немојте да си го правите тоа. Обидете се ова прашање да го замените со прашање колку ќе биде убаво или забавно тоа ново искуство.
4. Што ако не успеам?
Неуспесите се неизбежни, баш како и животните грешки. Обидете се барем еднаш, за промена, да се прашате „Што ако успеам?“. Наместо однапред да го развивате најцрното можно сценарио обидете се да ги согледате работите од поинаква перспектива. Во крајна линија, дури и од неуспехот може да се научи нешто ново.
5. Дали сум доволно добар/добра?
Дали сум доволно добар за некоја работа, за некоја личност, за среќа? Ова се низа мисли што можат буквално да ви го уништат животот. Никогаш не би требало да се прашувате дали сте доволно добри за да заслужувате да бидете среќни, дали некој ве сака, дали некому ќе бидете важни. Добро е да се трудите секогаш да напредувате, да бидете подобра личност отколку што сте биле, да растете однатре, но не така што ќе ја доведувате во прашање сопствената вредност. Работете на вашата самодоверба така што ќе го „славите“ секој ваш мал успех. Сè додека не дојде оној ден кога ќе престанете да се прашувате дали заслужувате среќа.


6. Што ќе мислат другите?
Кога нешто правиме, природно е да се прашаме како другите ќе реагираат на тоа. Меѓутоа, станува опасно ако единствено ви е важно туѓото мислење. Убаво е да бидете подготвени и да ги послушате советите и конструктивните критики. Во ред е да не им се допаѓа на сите она што го правите. Сè додека можете да се погледнете во огледало и знаете дека сте дале сè од себе, туѓото мислење не би требало премногу да ве погодува.
Што мислите за овие прашања? Дали си ги поставувате постојано? Ако го правите тоа, време е да го смените начинот на кој разговарате со себе. Со среќа во градењето и јакнењето на вашата самодоверба!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.