Зависни сте од телефонот? Четири совети како да го користите помалку

Многумина од нас се потпираат на паметните уреди скоро во сите свои секојдневни активности: од будење наутро до убивање досада. Сепак, постојат начини да се намали користењето на смартфонот, особено ако спаѓате во онаа група на луѓе кои речиси заборавиле како да живеат без него.
Не го носете смартфонот во спалната соба
Откако се појавија мобилните телефони, скоро сите ги користиме како аларми што нѐ будат наутро, што значи дека тие се последното нешто што го гледаме навечер пред спиење и првото нешто што го гледаме наутро кога ќе ги отвориме очите. Студија од 2017 година откри дека „користењето социјални мрежи во последните 30 минути пред спиење кај возрасните е поврзана со нарушувања на спиењето“, пишува британски Guardian.
Затоа, обидете се да го полните телефонот надвор од спалната соба и да купите вистински часовник/аларм што ќе ѕвони наутро и ќе ве разбуди.
Контролирајте ги нотификациите
Дури и ако успеете да го оставите телефонот настрана некое време, веројатно ќе вибрира на секои неколку секунди, како да ве моли да го земете повторно. Одвојте малку време и поставете ги нотификациите на малку поинаков начин. Центарот за хумана технологија (CHT) – непрофитна организација основана од менаџерот на Google Тристан Харис, која им помага на луѓето „да живеат поцелисходно со своите уреди“ – препорачува блокирање на сите нотификации што не ги испратиле луѓе. Ова практично значи дека се дозволени известувања од апликациите за испраќање пораки, но не и такви како „на 14 пријатели им се допадна вашата фотографија“.


Активно ограничете го времето поминато пред екран
Android и iOS, двата најпопуларни оперативни системи, имаат можност да следат колку време поминувате пред екранот и нудат неделни извештаи за тоа колку пати посегнувате по телефонот, колку часови го користите дневно и кои апликации ги користите најмногу. Наместо само да ги читате овие извештаи, применете проактивен пристап: вклучете ограничувања на апликациите чија употреба сакате да ја намалите. На пример, ограничете го Twitter на еден час на ден. Се разбира, можете да го надминете поставеното време, но овие ограничувања може да ви помогнат да се ослободите од пасивното скролање.
Исклучете ги боите на екранот
Ако ги поставите боите на екранот на „ grayscale“, ќе воочите дека реалниот живот е секогаш поживописен. Корисничкиот интерфејс е дизајниран така што секогаш се враќаме да уживаме во живописните бои на екранот уште некое време.
Бонус совет: Технологијата не мора да ги решава сите наши проблеми. Пред да го земете телефонот, прашајте се: „Зошто го правам ова?“ Понекогаш е доволно само да се поштедите од бесмислено скролање само затоа што ви е здодевно додека се возите во лифт.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.