Инфлуенсерката позната како „најубавата руска моторџика“ загинала кога нејзиниот мотор удрил во камион додека била на одмор во Турција.
Станува збор за Русинката Татјана Озолина, позната по своите осум милиони следбеници на социјалните мрежи под профилот „MotoTanya“. Таа загинала додека возела на патот меѓу Мугла и популарното летувалиште Бодрум.
Локалните медиуми јавуваат дека моторџиката починала на лице место пред да пристигнат болничарите откако изгубила контрола над својот црвен мотоцикл БМВ кога се судрила со камион.
Онур Обут, турски моторџија кој бил со неа, ја преживеал несреќата, но се здобил со сериозни повреди и се наоѓа во болница.
Медиумите јавуваат дека третиот моторџија, кој бил со нив, не е повреден.
Озолина беше позната како „најубавата руска моторџика“ и има околу пет милиони следбеници на TikTok, два милиони на YouTube и околу 970.000 на Instagram.
Неодамна ѝ беше забранет влезот во Европската унија на грчката граница за време на летната турнеја поради санкциите против Русија поради војната во Украина.
Нејзината последна објава на социјалните мрежи беше краток клип од турско-грчката граница.
-Бев вознемирена што не успеав да возам во Европа, но не премногу, бидејќи знаев дека тоа може да се случи. Така, продолжувам да ја освојувам убавата, топла и гостопримлива Турција, рече таа.
Многумина се простија од неа на социјалните мрежи, а меѓу нив е и Андреј Иванов, првиот човек на здружението МотоМосква.
-МотоТања повеќе не е со нас, имаше прекрасен живот, милиони ја следеа. Ја обожуваа, и завидуваа, и се восхитуваа, ја копираа, наградуваа како врвна блогерка, а во исто време ја озборуваа и клеветeа. Сега остана само нејзиното сеќавање. Спиј мирно, напиша тој.