Џуд Ло потврди дека ќе го игра рускиот претседател Владимир Путин во претстојниот политички трилер, наречен „Волшебникот од Кремљ“, објави Пипл.
Ло ќе игра споредна улога во новиот филм на францускиот режисер Оливие Асајас кој ќе го отслика Путин на почетокот на неговата политичка кариера.
– Сè уште не сум почнал да работам на тој филм – изјавил Ло.
Потоа тој појасни дека всушност почнал да работи на филмот.
– Мислам, почнав, но во моментов ми изгледа како да го освојувам Еверест, а јас сум на почетокот, гледам нагоре и си помислувам: „О, Боже, зошто се согласив на ова?“ Честопати се чувствувам така кога се согласувам на филм. Помислив: „О, Боже, како ќе го извлечам ова? Но, на мене е да најдам решение – објаснил актерот.
Остатокот од актерската екипа на „Волшебникот од Кремљ“ ги вклучува Пол Дано, Алиша Викандер и Зак Галифианакис.
Филмот е инспириран од животот на еден контроверзен руски политичар. Филмот е заснован на истоимената бестселер книга на францускиот автор Џулијано да Емполи, објавена во 2022 година. Сценариото го напишаа Асајас и Емануел Карере.
Главната улога во филмот ќе ја има Дано кој ќе го толкува ликот Вадим Баранов, театарски режисер и продуцент на реално шоу кој подоцна станува главен советник на Владимир Путин. Баранов „ја меша вистината со лаги, вестите со пропагандата, а општеството го третира како големо реално шоу“.
Ликот на Вадим Баранов е инспириран од Владислав Сурков, поранешен руски политичар за кој се вели дека е одговорен за подемот на Путин.
Можевме да го видиме Ло во минатогодишниот акционен трилер „Редот“ (The Order), а тој моментално игра една од главните улоги во авантуристичката серија „Star Wars: Skeleton Crew“, која се емитува на услугата за стриминг „Дизни+“. Тој го глумеше и ликот на д-р Вотстон во филмовите „Шерлок Холмс“ на режисерот Гај Ричи.