ЗАПОЧНА ПPOTECТОТ: Кабелските оператори ги исклучија сите телевизии освен МТВ

Кабелските оператори во земјава, попладнево од 18.10 до 19.10 часот, ги прекинаа сите телевизиските канали вклучително и македонските (освен МТВ) во знак на протест поради неодржливоста на сегашната правна рамка и наметнатите неуставни обврски.
Откако вчера не успеавме да се договориме со претставниците на македонските национални телевизии се одлучивме на овој протест – едночасовен прекин на програмата.
Што ќе преземеме во иднина ќе се договараме на дневна основа и ќе ги известиме нашите корисници и граѓаните. Можни се и порадикални мерки, вели Тони Тошевски, директор во кабелската телевизија „Мултимедија“ и претседател на управниот одбор на Здружението на кабелски оператори на Македонија.
Операторите се жалат дека се приморани на оваа непопуларна мерка поради наметнатите нови правила кои, како што велат, се неприменливи и од 6 август ќе мора да ги изгасат каналите.
Тоа се должи на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, што Собранието ги донесе на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.
Операторите велат дека законските измени им наметнуваат обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.
Оваа законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.