Здравствените власти ќе прогласат епидемија во Гостивар

Горната граница на заболени пациенти на неделно ниво е надмината и поради тоа ИЈЗ ќе прогласи епидемија во Гостивар, соопштија здравствените власти.

Во последните 24 часа, 309 гостиварчани побарале лекарска помош во градската болница „Ферид Мурад“ , што е досега највисока бројка во едно деноноќие и покажува дека пикот се уште не е достигнат.

Од понеделникот, кога според раководството на болницата во Гостивар се јавил првиот пациент, заклучно со денес над 1.800 гостиварчани побарале лекарска помош.

Тим на ИЈЗ од утрово се приклучил на тимот на ЦЈЗ од Тетово и за само 24 часа примени се околу 140 пријави од граѓани. Од ИЈЗ соопштија дека прагот на заболени на неделно ниво е надминат и затоа ќе се прогласи епидемија.

„Првите пријави се доставени до ИЈЗ во текот на денешниот ден, утрово и до денес се пријавени вкупно 140 заболени лица, на официјална пријава за заразна болест. Денеска ќе се донесе одлука од страна на надлежниот епидемиолог во Центарот за јавно здравје, во однос на пријавувањето на епидемија. Она што е битно кога зборуваме за пријавување на епидемија, согласно и дефицинијата што е и во законот е дека тоа е едно невообичаено зголемување и во споредба со истиот период од претходните години“ – изјави Д-р Драган Кочински, раководител на одделот „Епидемиологија на заразни заболувања“.

Епидемиолошките анализи се во тек, бројката се подобрува но сепак не е доволна па затоа од ИЈЗ апелираат до локалното население да соработуваат со медицинските и епидемиолошките тимови. Сепак досега сработените анализи не даваат јасна слика.

„Она што е заедничко за сите е дека сите користеле храна, и во домашни услови и во ресторани, сите користеле вода за пиење, некои користеле и флаширана вода, значи не ни даваат некои индиции во кои што може да направиме просторно поврзување на случаите. Тоа треба дополнително да се анализира. И да ги почекаме секако резултатите од микробиолошката анализа и кај пациентите од кои се веќе земени мостри. 12 мостри се земени само досега и од резултатите што ќе бидат од водата за пиење. “ – додава Д-р Кочински.

Анализата на мострите вода подигнати од четири локации во Гостивар, ноќта меѓу четвртокот и петокот е речиси изработена.

Станува збор за физичко-хемиска и за микробиолошка анализа. Се проверуваат резултатите и наодите кои утре ќе бидат доставени до Обвинителството, но не и до јавноста во интерес на истрагата.

„Резултатите треба да бидат готови утре и да бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе се донесе одлука за натамошниот тек на постапката, а јавноста ќе биде известена. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена“ – соопшти јавното обвинителство.

Засега од полицијата и Обвинителството нема официјална потврда дека тимовите на ИЈЗ биле спречени да подигнат мостри или за приведени лица.

Според медицинскиот билтен во гостиварската болница „Ферид Мурад“ во последните 24 часа на Инфективното одделение се примени 204 лица и тројца се хоспитализирани а на детското одделение се примени 105 деца кои имале здравствени проблеми.

„Апелираме граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош“ – советуваат од Министерството за здравство.

На сила останува одлуката на АХВ за забрана за користење на вода од градскиот водовод.

Локалните власти остануваат на тврдењата дека здравствените проблеми кај граѓаните не се последица на контаминирана вода за пиење.

Директорката на гостиварскиот „Водовод и Комуналец“, Артана Асани, е децидна дека пумпите поставени во каналот со отпадна вода биле користени само еднаш, на 26 јуни, не даде одговор зошто и по дваесет дена тие се уште биле во каналот со отпадни води и потврди дека дала исказ пред истражните органи.

Пронајдете не на следниве мрежи: