Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја обвини Русија дека користела ракета „произведена во Северна Кореја“ при ноќешните напади врз Киев, во кои загинаа најмалку 12 лица.
„Според првичните извештаи, Русите користеле балистичка ракета произведена во Северна Кореја. Нашите разузнавачки служби ги проверуваат сите детали“, објави Зеленски на социјалните мрежи.
„Доколку се потврдат информациите дека оваа ракета е направена во Северна Кореја, тоа ќе биде дополнителен доказ за криминалната природа на сојузот меѓу Русија и Пјонгјанг. Тие убиваат луѓе и заеднички измачуваат луѓе – тоа е единственото значење на нивната соработка. Русија континуирано користи такво оружје – ракети, артилерија. За возврат, Пјонгјанг доби можност да го направи своето оружје посмртоносно во реални воени услови. Ниту една земја во светот не треба да биде оставена сама да се соочи со такви закани. Токму денеска, во масовниот напад врз нашите градови и цивили, руската армија употреби повеќе од 200 средства за уништување – проектили и јуришни беспилотни летала. До овој момент, повеќе од 100 луѓе се повредени, а 12 загинати. Моето сочувство до нивните најблиски. Мора да има вистински притисок врз Русија да го запре ова. Дури и во услови на меѓународните дипломатски напори да се стави крај на оваа војна, Русија продолжува да убива цивили. Тоа значи дека Путин не се плаши“, напиша, меѓу другото, претседателот на Украина.
Во ноќешните руски напади со ракети и дронови врз Киев, според украинската служба за вонредни ситуации, загинаа 12 лица, а 90 се повредени.
(МИА)