Зошто е тешко да се задржи контакт со очите додека зборуваме?
Постои добра причина зошто имаме тешкотии да одржуваме контакт со очите на соговорникот додека разговараме со него, велат научниците од Универзитетот во Кјото во Јапонија. Нашиот мозок едноставно не успева истовремено да управува со задачата да размислува за изборот на вистинските зборови и да се фокусира на лицето на соговорникот.
Ова е особено забележливо кога некој се обидува да каже помалку познати или вообичаени зборови.
Научниците од Универзитетот во Кјото направиле тестирање на 26 доброволци. Нивната задача била да играат асоцијација на зборови и истовремено да гледаат во компјутерски генерирани слики.
Се покажало дека кога се обиделе да одржат контактот со очите, имале потешкотии да ја исполнат задачата.
„Иако се чини дека контактот со очите и вербалната обработка не се зависни едни од други, луѓето често го тргаат погледот од очите на соговорникот за време на разговор, што укажува на меѓусебно преплетување на овие два процеси”, велат јапонските научници.
На доброволците им требало многу повеќе време да се сетат на некои зборови додека ги гледале соговорниците во очи, но само кога станувало збор за комплицирани зборови, тврдат научниците и додаваат дека двоумењето при изговорот на некои зборови укажува на тоа дека мозокот истовремено е принуден да „управува” со премногу информации.
Иако бројот на волонтери кои учествувале во студијата е многу мал, хипотезата е интересна. Јапонските научници потсетуваат дека ова не е единствената студија што сугерира дека контакт со очите „малку го буни” нашиот мозок.
Во 2015 година, италијанскиот психолог Џовани Капуто покажа дека доколку гледате во нечии очи десет минути тоа поттикнува изменета состојба на свеста. Учесниците во истражувањето халуцинирале, гледајќи секакви видови чудовишта, како и сопствените лица.
Се чини дека причината за ова е процесот наречен невролошка адаптација, при што мозокот постепено го менува одговорот на иритацијата кој не се менува. На пример, кога ќе ја ставите раката на маса, во првиот момент го чувствувате тоа, но колку подолго ја држите раката на масата, чувството слабее.
Доброволците кои учествувале во истражувањето на јапонските научници, најверојатно искусиле некоја врста на невролошка адаптација, но потребно е да се спроведат дополнителни истражувања за да бидат потполни сигурни во тоа.
Така што, ако некој не ве гледа во очи додека разговара со вас, тоа не значи дека е непристоен, можеби едноставно неговиот когнитивен систем е преоптоварен.
Резултатите од студијата беа објавени во списанието „Cognition”.