Актуелната енергетска криза во Европа што особено ја погоди нашата земја којашто во вакви услови дополнително се соочи и со намалено производство на електрична енергија, што резултираше со зголемен увоз, на виделина го исфрли фактот дека во изминативе децении речиси воопшто не се водеше грижа за енергетиката. И тоа не само што не се градени нови енергетски објекти туку и многу малку досега се вложуваше во енергетската ефикасност во градежништвото, иако се знае дека таа носи огромни заштеди во потрошувачката на енергија.
Зелената градба инаку е светски тренд. Во 2019 година, ЕУ го усвои „Cleanenergy” пакетот којшто го воведува принципот – „прво енергетска ефикасност”. Овој принцип дополнително ја нагласува улогата на енергетската ефикасност на ниво на ЕУ. Македонија сериозно доцни во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор, како и во спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност на национално и локално ниво.
Иако овој принцип е преточен во нашето законодавство, односно е вклучен во Стратегијата за енергетика на Македонија до 2040 година, како и во Националниот план за енергија и клима, сепак реализацијата заостанува. Во новоградбите во Македонија, особено во Скопје, се вградуваат енергетски ефикасни материјали, но земјава е на самиот почеток на практикување на зелената градба. Основна причина за тоа е што во старт зелената градба чини околу 5% поскапо од стандардната, но самата инвестиција се враќа веќе во првата година бидејќи заштедата на електрична енергија кај зелените градби, односно енергетски ефикасните е околу 30 проценти, а на вода околу 40 проценти на годишно ниво.
Концептот на зелената градба е од огромно значење не само за градежниот сектор, туку и за секој граѓанин, бидејќи значително го подобрува квалитетот на живот, влијае врз подобрување на сигурноста и здравјето на човекот, како и на животната средина. Зелената или т.н. одржлива градба, се однесува на структура и употреба на процес кој е еколошки одговорен и енергетски ефикасен во текот на целиот животен циклус на една зграда, од дизајн, изградба, работење, одржување, реновирање, како и уривање. Зелената градба вклучува изнаоѓање баланс помеѓу градењето и одржливата енергија, што пак бара соработка меѓу архитектите, инженерите и клиентот во сите фази на проектот.
Заштитата на животната средина не треба да биде ограничена од економската и социјалната развиеност. Постојниот дел на потрошувачката на енергија во градежниот сектор опфаќа 39 проценти од севкупната потрошувачка на електрична енергија, станбениот сектор користи приближно 80 проценти од енергијата потребна за објектите, а објектите дополнително користат 69 проценти електрична енергија и 40 проценти од топлинската енергија за која со комбинирано производство се емитираат приближно 71 процент од годишните емисии на CO. Тоа значи дека енергетските трошоци заземаат огромен дел од националните и локалните буџети.
Со имплементирање мерки за енергетска ефикасност, може значително да се намали потрошувачката на енергија и трошоците за енергенси, како и да се подобрат внатрешните услови во објектите што само укажува колку е потребно конечно да се свртиме кон зелената градба и енергетската ефикасност.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.