Карфиолот е растение од фамилијата Cruciferae. Потекнува од Медитеранот, а денес се одгледува насекаде низ светот и тоа најчесто од пролет до доцна есен.
Зошто карфиолот треба да биде почесто застапен во вашето мени?
Зошто да јадете карфиол?
Карфиолот е нискокалорична храна. Околу 100 грама карфиол содржи само 25 калории поради што се препорачува за луѓе кои сакаат да ослабат. Истовремено изобилува со диетални влакна кои овозможуваат чувство на ситост и го спречуваат прејадувањето.
Консумирањето диетални влакна е исто така важно за здравјето на цревата и гарантира добро варење. Освен тоа, го намалува нивото на лошиот холестерол и благотворно делува на работата на кардиоваскуларниот систем.
Карфиолот е богат со минерали – особено магнезиум и калиум, кои природно го намалуваат високиот крвен притисок, го штитат срцето и крвните садови.
Карфиолот содржи витамин Ц и многу антиоксиданси кои го зајакнуваат имунитетот и имаат антиинфламаторно дејство.
Сулфорафанот во карфиолот спречува оштетување на видот и разни болести на очите.
Како да изберете добар карфиол и како да го чувате?
Најмногу здравствени придобивки ќе добиете ако консумирате свеж карфиол. Дали карфиолот е свеж можете да забележите по бојата на главата која треба да биде бела, а листовите да бидат светло зелени и без видливи оштетувања. Од друга страна, стариот карфиол ќе го препознаете по кафени или црни дамки на цветовите, како и по исушените лисја.
Свежиот карфиол ставете го во фрижидер во пластична или хартиена кеса. Можете да го чувате вака до пет дена. Пред да планирате термичка обработка, измијте го и употребете го по желба. Свежиот карфиол може веднаш да се исчисти, излупи, исече на помали парчиња и да се замрзне во замрзнувач, со што ќе се зачува за понатамошна употреба.
Како да готвите карфиол?
Карфиолот е камелеон во кулинарскиот свет – може да се спои со различни вкусови и да се трансформира во интересни јадења. Ако имате добар блендер може да го замени пирето од компири или да биде основа за нискокалорично тесто за пица. Карфиолот може да се користи и за правење вкусни чорби, палачинки и многу други јадења.