Прегратката на родителот е една од најмоќните и најдлабоките пораки што детето може да ги добие, уште од самиот почеток на животот. Иако изгледа едноставно и речиси секојдневно, таа носи силен емоционален и развоен потенцијал, како што потврдуваат истражувањата.
Во прегратка, детето не само што добива физичка блискост, туку и чувство на сигурност, прифаќање и безусловна љубов. Тоа е момент во кој детето чувствува дека не е само и дека има некој што го штити и го разбира, дури и кога зборовите не се потребни.
Раниот физички контакт со родителот игра клучна улога во развојот на емоционалната стабилност. Кога детето ја чувствува прегратката на родителот, нивото на стрес во неговото тело се намалува, а чувството на смиреност и доверба се зголемува. Ова чувство на сигурност станува основа врз која детето подоцна гради односи со себе и со другите. Децата кои растат со топлина и блискост полесно развиваат самодоверба, отпорност и способност за формирање здрави односи.
Научниците исто така потврдија дека прегратката е еден од најдобрите „лекови“ за благосостојба, за чувство на сигурност и топлина.
Студија на Универзитетот Тохо во Јапонија докажа дека за децата – особено за оние под три години – најдобриот лек е прегратка од нивната мајка или татко. Ова е докажано во експеримент во кој родителите учествувале со своите четиримесечни бебиња. Имено, срцата на децата почнале да чукаат побавно и помирно во рацете на нивната мајка и татко, додека тоа не се случило со странци. Се вели дека подолгиот интервал помеѓу две отчукувања на срцето укажува на поголем степен на опуштеност кај децата.
„Оваа студија покажа дека родителските прегратки играат важна улога во раниот развој на детето и поврзувањето со родителите. Знаевме дека децата сакаат да бидат прегрнати од своите родители“, рече водечкиот автор на студијата, професор Сачине Јошида од Универзитетот Тохо во Јапонија, додавајќи: „Но, ние, како научници, бевме изненадени од тоа колку малку всушност знаеме за влијанието на прегратките врз децата“.
Група научници ги набљудувале родителите и нивните бебиња под една година за време на студијата, проверувајќи го нивниот срцев ритам додека ги прегрнувале. Тие исто така го проверувале срцевиот ритам на бебињата кога непознато лице ги држело наместо родителите. Резултатите од студијата заклучиле дека само прегратка од еден од родителите имала смирувачки ефект врз бебето.
Иако малите бебиња сè уште не зборуваат, оваа студија покажа дека тие веќе можат да ги препознаат своите родители преку прегратка, рече Јошида, препорачувајќи родителите никогаш да не се сомневаат дека нивното дете може да ја почувствува нивната наклонетост и топлина преку допир.
The post Зошто прегратката на родителите е толку важна за бебињата appeared first on Во Центар.



