Поголемиот дел од активниот ден го поминуваме на работа, а тоа значи дека најчесто јадеме два оброка на работното место, или барем еден.
Во напорите да живееме здраво, а тоа значи и да се храниме здраво, одржувањето на квалитетот и на буџетот може да биде тешко. Меѓутоа, не е неостварливо. Како и за сите важни работи во животот, треба да се одредат приоритети и да се биде организиран. Хранете се здраво и квалитетно, додека истовремено не го надминувате буџетот, со носење храна на работа.
Ако секој ден купувате кафе и готова храна на паузата за појадок или ручек (или и двете) ќе трошите повеќе пари: најмалку 300 денари за јадење „од нога“, а можеби и двојно повеќе ако седнете во ресторан на пауза за вистински оброк. Исто така ризикувате едноличност и низок квалитет на двата многу важни оброци во денот, бидејќи најчесто имате ограничен избор, или уште полошо, брза храна.
Кога еднаш ќе се организирате и ќе воведете ред и навика, сѐ е полесно.
Верувајте, и најголемите скептици кои не верувале дека можат да се организираат, со маку труд и упорност станале едни од најголемите поборници. Почнете да го применувате методот на планирање на оброци за на работа однапред и резултатите ќе бидат очигледни: здрава и балансирана исхрана, помалку стрес и помал буџет.
Планирајте однапред
Може да подготвите три до пет оброци однапред за работната недела или да ги спремате вечерта, зависи како ви одговара повеќе. Тоа нека биде храна што брзо и лесно се подготвува и транспортира: тестенини со зеленчук и сос, парче месо со зеленчук, ориз со риба, салати, тостови или wrap сендвичи. Дел од овие јадења може да ги чувате во фрижидер, дел во замрзнувач. Ако имате микробранова печка на работа, уште подобро, ќе може и да го згреете јадењето. Снабдете се со квалитетни садови со добар капак, со капацитет колку што е вашиот просечен оброк. Не заборавајте грст јаткасти плодови или овошје за ужина.
Бидете креативни
Можеби звучи како голем предизвик, но планирањето и подготвувањето на оброците ќе ви стане забавна навика. Подгответе си кафе по свој вкус и набавете си интересна термос-шолја што може да ја понесете со себе.
Смуди напивките се здрави и хранливи, а може да ги направите вечерта претходно или за 5-10 минути пред да тргнете на работа. Понесете го вашиот омилен вкус во шише, чаша или штосна тегличка со рачка.
Експериментирајте, пробувајте нови рецепти, читајте блогови за готвење, разменувајте идеи со колегите. Може да се договорите со колега или колешка наизменично секој ден да носите храна за двете/двајцата. Балансираната исхрана наскоро ќе се преслика во балансиран живот.
Заштеда на буџетот
Одредете кој е буџетот што може да си го дозволите за храна додека сте на работа. Согласно вашите можности и вкусови, пресметајте колку ќе ве чинат намирниците за подготвување на оброците во една недела. Планирањето на оброците пред сѐ ќе значи голема заштеда и разликата во трошењето ќе ја забележите уште првиот месец.
Чувство на исполнетост
Кога ќе го доведете во ред прашањето на исхраната, пред сѐ ќе имате големо чувство на исполнетост. Контролата што ќе ја преземете врз трошењето на парите и организирањето на здрав начин на живот ќе ви дадат елан за работниот ден и за нова работна недела. На овој начин нема да чувствувате грижа на совест кога одвреме-навреме ќе се почестите ручек во ресторан со колегите. Бидете упорни и креативни и резултатите нема да заостанат.