Иако не му се допаѓа Мицотакис ќе го почитува Договорот од Преспа

За време на панел дискусијата на Економскиот форум во Делфи претседателот на “Нова демократија“, Кирјакос Мицотакис одговарајќи на прашањето дали тие како влада одново би ги отвориле прашањата од Договорот од Преспа со кој што не се согласуваат рече – Имаме меѓународен договор, не ми се допаѓа, но е ратификуван меѓународен договор и ќе го почитувам договорот, јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија, објасни дека ако постојат прашања на кои можат да работат, ќе го сторат тоа, а акцентот го стави на компаниите од Северна Грција кои го користат терминот „македонски“. Тој, исто така, истакна дека се комплетно незаштитени, бидејќи „не постои заштита на брендот македонски за трговска употреба“.
-Јас правам се што можам за да ја објаснам мојата позиција, сметам дека е многу важно да сфатиме дека постојат суштински чувствителности во Северна Грција. Јасно велам дека мојата главна одговорност, исто колку што ме интересира што се случува на Балканот, не реков дека не сакам договор, но мојата главна одговорност, нема да дозволам овој договор да ја дестабилизира Грција, бидејќи ние сакаме да се стабилизира регионот. И постои голема опасност да се случи такво нешто, посебно поради чувствата кои преовладуваат во Северна Грција. Тоа е во јадрото на идентитетскиот проблем, дополни претседателот на “Нова демократија“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.