ИДУЕП: Општествените чинители ја препознаваат потребата од аргументирана дебата за дигитализација на образованието

Воведувањето на дигитални алатки во образованието и понатаму останува многу сериозна тема во македонското општество, која одлучува за иднината на денешните генерации ученици и студенти, но и за перспективите на целата земја. Од овие причини, како врвен приоритет мора да остане инклузивната и демократска, односно дебатата базирана на различни аргументи, мислења и ставови помеѓу сите образовни и воопшто општествено-политички чинители. Независно дали и каква одлука финално ќе биде донесена за осовременувањето на образованието, дигитализацијата е процес кој треба да биде долгорочен, да обединува, а секоја одлука за осовременување на воспитно-образовниот процес треба да биде првенствено фокусирана и да се носи заради потребите на учениците, студентите, наставниот кадар и сите други кои се на првата линија на образовниот „фронт“, посочуваат од Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

Како основа за воспоставување на ваква комуникација, ИДУЕП на почетокот на месецов изработи Декларација во која беа сумирани ставовите од различните субјекти во јавната дебата. Сметаме дека таквиот пристапуспеа да придонесе за насочување на темата во насока на водење на дебата на различни аргументи и ставови што претставува единствен зрел и демократски начин за носење на одлуки кои се од интерес на сите граѓани. Повеќе информации околу оваа иницијатива се достапни на следниот линк: https://iduep.org.mk/2021/05/03/iduep-izgotvi-deklaratsija-kako-osnova-za-vodene-na-debata-za-osovremenuvane-na-obrazovanieto/

Одговор на оваа иницијатива на Институтот беше испратен од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Во него, меѓу другото, се истакнува дека претседателот внимателно ги следи случувањата поврзани со дигитализација на образованието и очекува дискусијата да се интензивира во институциите, односно во Парламентот, без оглед колку ќе трае дебатата во комисиите или во другите форми на јавна расправа. Само со суштинска и сеопфатна дискусија во која ќе биде вклучена стручната јавност, како и сите засегнати страни, може да се дојде до одржливи и целисходни законски решенија, стои во одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски. Целиот допис е достапен на следниот линк: https://iduep.org.mk/2021/05/16/kabinet-na-prsm-do-iduep-samo-so-sushtinska-i-seopfatna-diskusija-do-odrzhlivi-i-tselishodni-zakonski-reshenija/

Владата, односно ресорното Министерство за образование и наука, исто така, изразија благодарност за доставената декларација на ИДУЕП, како основа за водење на дебата за осовременување на образованието. Оттаму посочуваат дека секоја промена која МОН ја креира во насока на обезбедување подобар квалитет на националниот образовен систем во целина и во одреден сегмент, како и во насока на обезбедување повеќе и подобри можности за учениците, студентите, наставниците, професорите, е однапред најавена и истата се дефинира низ транспарентен процес со учество на сите засегнати страни и експертската јавност.

„Така е овој пат, во врска со носењето на законското решение кое ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, инклузивност на материјалите за учење затоа што истите ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Воедно преку поставувањето на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, се елиминира веројатноста за појава на грешки од било каква природа, а се воведуваат и содржини од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите и слично. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина“, стои во дописот на МОН до ИДУЕП. Целиот одговор е достапен на следниот линк: https://iduep.org.mk/2021/05/04/mon-do-iduep-odgovor-za-dostavena-inicijativa/

Декларацијата е јавно достапна за сите заинтересирани чинители како основа за водење на инклузивна дебата за осовременување на образованието. Од ИДУЕП информираат дека иако не било обврска за ниту еден субјект, сепак Декларацијата досега наишла на поддршка и потпис од страна на Сојузот на средношколци, политичката партија „Демократска обнова на Македонија“ (ДОМ), како и општините Свети Николе и Шуто Оризари. Секако, сите заинтересирани институции, политички партии, организации, пратеници и сите останати поединци можат истата да ја потпишат и испратат до Институтот или, пак, да испратат свое мислење, став или иницијатива за организирање на заедничка активност во насока на давање на придонес за квалитетна и демократска дебата за дигитализација на образованието.

Како што информираат од Институтот, оваа Декларацијанема за цел да поддржи или негира одреден актуелен предлог за осовременување на образованието. Единствената намера е да ја поддржи дебатата базирана на различни размислувања и добрите европски и светски практики бидејќи тоа е единствениот начин на кој може да се носат инклузивни решенија од интерес на сите граѓани. Дополнително, со ваквиот приод од ИДУЕП се надеваат дека ќе се даде придонесе за воспоставување на нова пракса во севкупната политичка комуникација и воопшто јавниот дискурс. Пракса што ќе се базира на вклучување на сите заинтересирани страни, без исклучок, но и со цел воспоставување на дијалог без дискриминација, позиција на моќ или пак, закани и уцени од било која страна.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.