Вечерва, во склопот на Културно Информативниот Центар во Скопје, во 20:00 часот, ќе се отвори изложба на акварели на композиторката Јана Андреевска, наречена „Мапирање на спокојот“. Оваа изложба претставува спој на музиката и уметноста на сликарството. Јана Андреевска веќе долго време е значајна фигура на светската композиторска сцена. Сепак, нејзиниот уметнички опус не се ограничува само во полето на музиката. Последните години сликањето за Јана стана автентичен простор за творење, што кулминира со изложбата „Мапирање на спокојот“.
„Долго време моите Фејсбук следачи ме поттикнуваа да организирам изложба. Пред извесно време, сфатив дека имам доволно создадено дела кои може да бидат претставени, а разновидноста во темите и форматите дозволува формирање на еден квалитетен избор,“ објаснува Јана. Таа вели дека создавањето музика е процес кој подразбира повеќе фази и колаборации, за разлика од сликањето кое го перципира како поиндивидуален и поромантичен чин, без интервенција од други.
„Музиката, од идеја до партитура и конечно изведба, бара многу труд и е покомплициран процес, но и подолготраен. Сликањето пак е процес каде си сам. За мене, и двата процеса бараат голема концентрација, јасна идеја и добро избрани методи, вели Андреевска. „Создавањето на музика и слики бара посебна душевна состојба, каде времето тече на поинаков начин и без тоа, создаденото не би имало душа.“
Родена е во 1967 година во Скопје, Јана Андреевска е значаен композитор и професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, активно вклучена во светот на современата класична музика. Таа е првата жена композитор од Македонија која има меѓународен успех. Иако интересот за сликањето го пројавила уште како мала, по завршување на студиите ја одбра музиката како професионална насока. Во пандемијата се фокусираше посилно на акварелот.
The post Изложба на композиторката Јана Андреевска во КИЦ appeared first on 365.mk.