На 16 април, среда, во 20 часот, Националната галерија Чифте Амам ќе биде домаќин на отворањето на изложбата „Религија, Митологија или слободна мисла“ на Трајче Чатмов. Роден во Скопје во 1971 година, Чатмов е еден од највлијателните современи македонски сликари. Неговите дела од последните неколку години (2023 – 2025) привлекуваат внимание поради својата обемност и уметнички квалитет, што го поставува Чатмов како исклучителен автор на врвот на неговото творештво. Тематската разновидност на неговото дело ги опфаќа актовите, специфични предмети, фрагменти, митски слики, како и значајни историски и библиски наративи. Тој мајсторски користи различни техники како акрил на платно, цртежи, акварели, лавиран туш и различни комбинирани методи.
Чатмов дефинира своја ликовна поетика, ослободена од чиста апстракција, потпирајќи се на алегорични визии, кои се изразуваат преку емоционални и динамични изрази. Голем предизвик за секој уметник е проширувањето на наративот и смислата во сликарството. Историјата на уметноста покажува дека врвовите на естетиката се достигнуваат и во апстрактноста, и во фигуративноста.
Чатмов се доближува до магичниот реализам во литературата, создавајќи драматична и мултифокална експресија. Неговиот уметнички пристап, преку боја и форма, е богат со колоритна магија. Интеракцијата на боите на неговите платна создава полихромна композиција, каде што се воочува неговата мајсторска способност за игра со контрасти и нијанси, симболично преплетувајќи митски приказни и создавајќи имагинарен свет.
Темите кои доминираат во неговите најнови платна, создадени до 2025 година, ги вклучуваат архетипските мотиви и библиските наративи. Овие тематски циклуси, иако наизглед различни, се комплементарни, истражувајќи цивилизациски и духовни теми. Тие се меѓусебно надополнуваат и варираат, создавајќи уникатен светоглед кој го отсликува неговиот сенс за митските и религиските светови.
The post Изложба на Трајче Чатмов во Чифте амам appeared first on 365.mk.