Израел им дава на Палестинците вакцини пред истечен рок, тие наесен ќе му вратат нови

Во следните денови Израел ќе ѝ даде на Палестинската управа 1,2 милион дози од вакцината Фајзер, а за возврат, наесен, ќе ја преземе пратката на Фајзер со приближно ист број дози што беа наменети за Палестинците.
Во кабинетот на израелскиот премиер Нафтали Бенет беше проценето дека залихите вакцини во Израел се доволни за сегашните потреби и дека на Палестинците ќе им бидат дадени оние дози на кои наскоро ќе им истече рокот.
Во замена за испораката на вакцини од Израел, Фајзер подоцна ќе ѝ ги даде на земјата вакцините планирани за Палестинската управа, со цел да се осигури дека Израелците нема да се соочат со недостиг, пренесуваат израелските медиуми.
Вакцините ќе бидат наменети за жителите на Западниот брег и појасот Газа.
Според палестинското Министерство за здравство, 436.275 Палестинци на тие територии примиле барем една доза вакцина, а околу 260.000 жители ги примиле двете дози, вклучително и 100.000 палестински работници вакцинирани од Израел во последните месеци.
Повеќето Палестинци биле вакцинирани на Западниот брег, а само 52.000 жители на Газа примиле една или две дози.
Министерството соопшти дека уште 226.000 дози вакцина пристигнале во Газа оваа недела, но Палестинците што живеат таму се колебаат да се вакцинираат.Одлуката да ѝ се испратат вакцини на Палестинската управа, која управува со Западниот брег, беше донесена од претходната влада на Израел, но деталите не беа финализирани.
Се разгледуваше можноста Палестинската управа да плати за вакцините, но не беше постигнат договор за цената.
Како што е наведено, Израел во моментов има милиони дози вакцини, па еден висок палестински функционер што неодамна се состана со претставници на меѓународните организации проценил дека земјата може да потроши 1,2 милиони на Палестинците.
Во понеделникот, Високиот суд на правдата на Израел ги разгледа петициите на шест хуманитарни организации што побараа од Израел да им обезбеди вакцини на Палестинците.
Државата побара петициите да бидат итно одбиени, тврдејќи како и порано дека Израел не е одговорен за здравствената заштита на палестинските територии.
Судскиот совет го отфрли тоа, а потписниците на петицијата оценија дека доставата на 1,2 милиони дози не е доволна и дека одлуката е донесена предоцна, како и дека Израел има морална и правна обврска заснована на меѓународното право да го осигури здравјето на жителите на териториите што се под негова контрола.
Во меѓувреме, на Западниот брег е намален бројот на заразените со коронавирусот, но се прават и помалку тестови.
Во четвртокот имаше 15 хоспитализирани пациенти на Западниот брег, каде што живеат скоро три милиони Палестинци. 65 пациенти беа хоспитализирани во појасот Газа, со два милиони жители.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.