Како иден претседател нема никогаш да дозволам внесување на Бугарите во Уставот, затоа што имам план за сосема нов Устав, изјави денеска во Охрид кандидатката за претседател поддржана од Левица, Билјана Ванковска
Имам план за сосема нов Устав. Ова од Охрид го порача кандидатката за претседател од Левица, Билјана Ванковска и додаде дека оваа идеја е дел од нејзината изборна програма.
Ванковска изјави дека никогаш нема да дозволи внесување на Бугарите во Уставот. Таа смета дека сегашниот Устав е етнонационалистички и прави поделби.
Изјави дека нејзината идеја е за нов, модерен Устав.
„Бугарската јавност, историографија, дури го смета Охрид за колевка на бугарштината. Како иден претседател нема никогаш да дозволам внесување на Бугарите во Уставот, затоа што имам план сосема нов устав. Морам да порачам дека сите бајки за одложено дејство на уставни измени се само замка, ќе влеземе исто како со Преспанскиот договор… Последниот збор секако го има парламентот и двотретинско мнозинство. Меѓутоа, ако низ дебата на консултативен процес со граѓаните направиме како што направи Чиле, со уставотворно, народно собрание да понудиме нов модел на модерен устав ставен на увид на јавноста. Сакате ваков трибалистички, етнонационалистички кој не дели, или сакаме да бидеме држава од 21 век“,
рече таа.
Ванковска истакна дека Охрид од град на УНЕСКО и на културата станува град на дивоградби, на неказнивост, на локални шерифи кои, според неа, во меѓукоалициски договори избегнуваат почитување на законите.
„Како левичар морам да го посочам и примерот на отстранувањето на спомен-плочата од антифашистичкото наследство, безобразно тргната од Нефи Усеини заради изградба на негови објекти… Се обидуваме непосредно, лице во лице да зборуваме со граѓаните за се она за што противкандидатите сакаат да зборуваат од бини, заштитени зони. Ние работиме на начин што нам ни е достапен“,
рече Ванковска.
Ванковска денеска беше и во Струга. На Фејсбук напиша дека градот е изменет, но и дека луѓето ја споделуваат истата мака, а тоа е „корумпирана локална власт, корумпирана центарлна власт и секако младите кои заминуваат“.