Господа сеачи на магла (како од власта така и оние кои глумат прагматична и фиктивна опозиција) и правото на бојкот е демократско право. Додека не почнала кампањата на власта (бидејќи повеќе од сигурен сум дека на останатите ќе им биде забрането да агитираат спротивно на владеачката воља) еве едно кратко видување и објаснување за разликата помеѓy „не“ односно „против“ и „бојкотирам“ на закажаниот референдум за 30 септември.
Со излегувањето на закажаниот референдум без разлика како е гласано (за или против) се дава легитимитет на склучениот неуставен, незаконски односно од правен аспект апсолутно ништавен Преспански договор како и на референдумскиот процес, а со тоа се зајакнува позицијата на политичката гаранитура на власт.
Со излегување и гласање на референдумот паѓаат во вода тврдењата дека референдумското прашање е двозначно или повеќезначно како и тврдењата дека референдумот не e во согласност со Уставот и Законот за референдум и други облици на изјаснување.
Со излегувањето на референдум без разлика што еден дел од граѓаните ќе гласааат „не“ односно „против“ им се овозможува на организаторите и иницијаторите (во овој случај партиите на власт) уште во старт да се прогласат за победници. Зошто? Затоа што во една ваква моментална констелација на односи, бројот на оние кои ќе излезат на гласање на референдумот и имаат став „не“ односно „против” ќе биде многу помал од оние кои ќе го бојкотираат и од оние кои ќе гласаат „за”. Со тоа, без разлика што гласот е „не“ односно „против“ овие гласачи стануваат дел од изнасилената и неправна политичка игра и оставаат можност крајниот резултат да биде предмет на потсмев и триумфализам.
Во претпоставена ситуација кога поголемиот дел од граѓаните ќе го бојкотираат референдумот можно е соодносот на оние кои гласале „не“ односно „против“ да биде во размер 1:3 или 1:3,5 во корист на оние кои се „за“ и тоа му дава дополнителен мотив на организаторот и иницијаторот за омаловажување и санкционирање по разни основи на политичките неистомисленици и понатамошна вербална и политичка манипулација со резултатот од референдумот и чувство на семоќност кај победниците.
Со излегување и гласање на референдумот дури и оние кои се изјасниле „не“ односно „против“, истите свесно стануваат соучесници во започнатиот процес на самообезличување и самонегирање. Со гласањето „не“ односно „против” без разлика на бројот на гласови, нема да се поништи ниту промени вољата и намерата на власта, по секоја цена во пракса да ги спроведе еднострано преземените обврски од Договорот од Преспа.
Дури и оние кои ќе гласаат „за“ мораат да имаат предвид дека интегративниот процес за Македонија не започнува веднаш на денот на референдумот, туку неколку години подоцна. Исто така поддржувачите мора да ги имаат предвид и претстојните структурни и суштински реформи кои ќе се случуваат во ЕУ, како и можноста по британскиот Брегзит да се случи некој нов европски егзит (евентуален Фрегзит) како и промена на консензуалниот начин на одлучување.
Што со бојкот на референдумот? Со бојкот се делегитимира договорот од Преспа и целиот референдумски процес, а со тоа од една страна на сите им се става јасно до знаење дека договорот и процесот се антиуставни, противзаконски, понижувачки и изнасилени, а од друга страна граѓаните ја избегнуваат можноста да бидат предмет на сегашна и идна манипулација и злоупотреба за дневно политички цели и интереси. Со бојкотот им се кажуваа „не“ на двојните и наводни прагматични политики на сите политичарите кои водат дневна и лукративна политика, пред се на оние кои во моментов глумат загрижена опозиција и немаат став. Со бојкот на референдумот јасно се дава до знаење дека граѓанинот не сака да гласа за договор кој не е влезен во сила и кој набрзина е ратификуван во постапка спротивно на деловничките и процедуралните одредби.
Со бојкот на референдумот се создава можност за поништување на преспанскиот антиуставен и притивзаконски договор и во иднина да се дојде до подостоинствен нов уставен и консензуален договор. Со бојкот им се дава јасно до знаење на сите членки на ЕУ и НАТО дека ги сакате и почитувате европските принципи и вредности, а пред се владеењето на правото и неговите постулати. Не е дозволиво и етички од „устите” на членките ЕУ и НАТО алијансата да произлегуваат громогласни барања за почитување на европските принципи и вредности (главен од нив е владеење на правото), а истиот тој принцип во земја кандидат за ЕУ и НАТО драстично да биде погазуван и непочитуван. Дали граѓаните на државите членки на ЕУ и НАТО би гласале за договор кој е противуставен и незаконски и на сопствена штета и на референдум кој е повеќезначен само да ги удоволат нецивилизациските и каприциозни барања на својот сосед?
Со бојкот на референдумот јасно се става до знаење дека не се сака влез во ЕУ и НАТО со подвиткана и скршена кичма и обесчестени, туку достоинствено и рамноправнно членство односно влез на голема врата онака како што доликува на еден цивилизиран и рамноправен народ и држава.
Со бојкот на референдумот се кажува „стоп“ на неконсензуалните и лични договори и спогодби по терк на мала група политичари. Со бојкот на референдумот се кажув големо НЕ или ДОСТА Е на правното и политичко насилие кое секојдневно се врши врз граѓаните на Република Македонија од страна на актуелната власт, по секоја цена граѓаните да излезат на референдум, а само заради спас на сопствената кожа и кариера.
Со бојкот им се праќа јасен сигнал и се дава до знаење на целата меѓународна заедница дека овој народ има свој став и достоинство, свои корења, своја историја и не подлегнува на задкулисни и нечесни игри на сопствена штета. Со бојкотот се овозможува јасно пребројување на оние кои ја поддржуваат ваквата сервилна политика и оние кои се против договорот и референдумот, а со тоа се ослабува позицијата на актуелната политичка гарнитура и се создава можност за нејзина демисија, односно заминување. Исто така со бојкотот се запечатува политичката судбина на лидерите калкуланти и нивните сервилни следбеници. Единствена опасност од бојкот на референдумот е можноста Вашиот глас да биде злоупотребен од партиските измеќари и слепи послушници. Но, и за тоа има лек. Поголем број на набљудувачи и водење перфектна евиденција на оние кои гласале.
П.С. Господа сеачи на магла (како од власта така и оние кои глумат прагматична и фиктивна опозиција) и правото на бојкот е демократско право. Никаде, ниту во Уставот ниту вo било кој закон пишува дека правото на бојкот е забрането. Тоа е граѓанско право за кое никој нема овластување да го спречи, одземе или скрати, а уште помалку да се обиде да го злоупотреби отсуството од гласачкиот процес и гласачкото место.
Проф. Др Јове Кекеновски