Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, синоќа на скопскиот аеродром ја пречека претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, која пристигна во официјална посета на земјава.
Во рамките на посетата се предвидени повеќе средби и активности.
„Очекувам тие да ги потврдат одличните билатерални односи и да дадат нов поттик за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји“, рече Муцунски.
Според најавите, индиската претседателка денеска ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателката, Гордана Сиљановска – Давкова, по што ќе следуваат тет-а-тет средба, пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на претседателките.
Предвидено е претседателката на Република Индија да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, како и да се обрати во македонското Собрание. Ќе се одржи македонско-индиски бизнис-форум, организиран од страна на Кабинетот на претседателката, во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На вториот ден од официјалната посета, претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе се обратат на церемонија на откривање биста на Махатма Ганди.
По церемонијата во Музејот на град Скопје, тие ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот дел на Охрид.
The post Индиската претседателка пристигна во Македонија, на скопскиот аеродром ја пречека Муцунски appeared first on Во Центар.



