Инспекторите на Општина Карпош минатата недела спровеле 50 контроли на градилишта и изрекле 26 казни и 17 опомени.
„Градежниот инспектор, согласно својата надлежност, изрече четири казни во висина од 500 до 3.000 евра, на правни и одговорни лица.
Комуналниот инспектор изрече пет казни по 300 евра за одговорни лица, како и пет казни по 1.500 евра за правни лица. Воедно, беа изречени и пет опомени, при што недостатоците беа коригирани веднаш на лице место“ соопшти општината.
Дополнително, казни се изречени и за повеќе правни субјекти, како резултат на утврдени прекршувања. Кај дел од градежните компании било постапено по издадени опомени, со целосно почитување на наложените мерки.
„Комуналните редари во истиот период изрекоа 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени. Доколку во наредниот период не се извршат потребните корекции кај овие градби, во постапката ќе се вклучи и комуналниот инспектор, чии казни, согласно законот, се со значително повисоки износи“ велат од општината.
Оттаму апелираат до сите инвеститори и градежни компании кои работат на територија на Карпош, да ги почитуваат законските прописи, како и да водат сметка за околината, особено при работа во зони со индивидуално домување.