Инфлацијата во Германија на највисоко ниво во последните 27 години

Цените за потрошувачите во Германија во јули пораснаа најмногу во последните 27 години, објави Destatis, посочувајќи на зголемените цени на енергенсите и ниската споредбена основа со минатата година, кога стапката на ДДВ беше привремено намалена поради пандемијата.
Цените скокнаа за 3,8 проценти минатиот месец во споредба со јули 2020 година, што е нивниот најголем раст од крајот на 1993 година, објави во средата статистичката служба.
Тие се зголемија за 2,3 проценти во јуни.
Поради привременото намалување на стапката на ДДВ, цените нагло опаднаа во јули минатата година, што оваа година, по повеќекратното зголемување на данокот на додадена вредност, резултираше со повисоки цени на многу стоки и услуги, а со тоа и повисока стапка на инфлација, објаснува Евростат.
„Силниот ефект на ниската споредбена основа во јули 2021 година беше очекуван, бидејќи таргетирањето на даночните олеснувања врз потрошувачите пред една година ги намали цените на голем број стоки“, се вели во извештајот на статистичката служба.
Најскап превозот
Дополнителен фактор во скокот на инфлацијата минатиот месец беше растот на цените на енергенсите, изјави Кристоф-Мартин Маи, шеф на одделот за потрошувачки цени на Destatis.
Во такви услови, цените на транспортот најмногу пораснаа во јули, за 9,8 проценти, а потоа следуваат облеката и обувките, чии цени пораснаа за пет проценти.
Цените на храната, исто така, значително пораснаа, за 4,3 проценти во споредба со јули минатата година.
Исклучувајќи ги флуктуациите во цената на енергенсите, инфлацијата изнесуваше 2,9 проценти. Без енергија и храна, изнесуваше 2,7 проценти.
На месечно ниво, цените се зголемија за 0,9 проценти во јули.
Мерено според усогласениот индекс на потрошувачки цени (HICP), користен за споредба на инфлацијата во земјите од ЕУ, цените во Германија се зголемија за 3,1 отсто во јули во споредба со истиот месец минатата година. Споредено со јуни, тие се зголемени за 0,5 проценти.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.