Инфлацијата во еврозоната продолжува да расте – во декември 2,4 отсто на годишна основа

Инфлацијата во еврозоната се зголеми во декември за 0,2 поени, на 2,4 отсто на годишно ниво, продолжувајќи го растот започнат во октомври поради благото зголемување на цените на енергијата, објави денеска статистичката служба на ЕУ, Евростат.

По неколкумесечен пад, месечниот раст на потрошувачките цени во септември беше најнизок за три и пол години, 1,7 отсто на годишно ниво, за во октомври повторно да порасне на два отсто, што е целта на Европската централна банка ( ЕЦБ).

Оттогаш, инфлацијата отиде малку над оваа цел во 20-те земји кои користат единствена валута, поттикната од благиот пораст на цените на енергијата, покажуваат податоците на Евростат.

Декемвриската стапка на инфлација е во согласност со очекувањата на аналитичарите.

Сепак, базичната инфлација – приспособена за нестабилните цени на енергијата и храната, што е репер за пазарите и за ЕЦБ – остана стабилна на 2,7 отсто, непроменета во однос на септември.

Вкупниот пораст на потрошувачките цени во декември во суштина е резултат на растот на енергенсите од 0,1 отсто во однос на истиот период од претходната година, додека во ноември тие паднаа за два отсто.

Инфлацијата во услужниот сектор благо забрза во декември до четири отсто (+0,1 поен во однос на ноември).

Од друга страна, растот на цените на индустриските производи забави (+0,5 отсто по ноемвриските +0,6), додека растот на цените на прехранбените производи остана стабилен во однос на ноември од 2,7 отсто на годишна основа.

Севкупно, растот на потрошувачките цени во еврозоната е јасно ублажен од едногодишниот рекорд од 10,6 отсто постигнат во октомври 2022 година, кога цените на енергијата се зголемија поради војната во Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи: