Ирак и Азербејџан нудат помош во потрагата по хеликоптерот на Раиси, САД со внимание ги следат деталите за несреќата

Ајатолахот Али Хамнеи одржа итен состанок на Советот за безбедност и преку државната телевизија порача дека нацијата треба да се моли за здравјето на Раиси

Во отежнати временски услови трае потрагата по хеликоптерот во кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и неговите соработници. Официјалните претставници на Иран информираат дека спасувачките екипи сè уште не можат да стигнат до местото на несреќата. Врховниот духовен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, одржа итен состанок на Советот за безбедност и преку државната телевизија порача дека нацијата треба да се моли за здравјето на Раиси.

Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Во потрагата се ангажирани повеќе од дваесет спасувачки тима и беспилотни летала, а пораки за помош и поддршка испрати Ирак, како и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.

Алиев истакна дека се моли за Раиси и оти е длабоко шокиран од веста за хеликоптерската несреќа по нивната денешна средба.

„Откако пријателски се збогувавме со претседателот на Исламската Република Иран, Ебрахим Раиси, бевме длабоко вознемирени од веста за хеликоптерот со главната делегација во Иран. Нашите молитви до Семоќниот Алах се со претседателот Ебрахим Раиси и делегацијата што го придружува. Како сосед, пријател и како братска земја, Република Азербејџан е подготвена да понуди каква било потребна помош,“

објави Алиев на Икс.

Од американскиот Стејт департмент соопштија дека со големо внимание ги следат информациите за хеликоптерската несреќа на Раиси. Како што пренесе Си-ен-ен, и претседателот Џо Бајден бил информиран за деталите за несреќата на иранскиот претседател.

Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Хеликоптерот во кој се превезуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси се урна додека минувал планински терен во густа магла на враќање од посетата на границата со Азербејџан.

Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди кажа дека хеликоптерот бил принуден да слета поради магливите временски услови.

„Спасувачките групи се движат кон областа, но со оглед на тоа што има магла и лоши временски услови може да потрае некое време додека да стигнат до местото каде што е хеликоптерот. Контактиравме со придружниците на претседателот, но комуникацијата е отежната и немаме точни информации“,

вели Вахиди.

Во конвојот од три хеликоптери бил и иранскиот министер за надворешни работи, а официјален претставник за Ројтерс изјавил дека сè уште не се знае во каква состојба е Раиси.

„Сè уште се надеваме, но информациите што доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“,

изјавил анонимен официјален претставник на Иран.

Раиси патувал во источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

Пронајдете не на следниве мрежи: