Иран слави дипломатска победа: „Времето на понижување заврши, светот е сведок на крајот на американската доминација“

Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач Мохамед Багер Галибаф изјави дека официјален Техеран му покажа на светот дека ерата на наметнување волја врз независните нации е завршена, оценувајќи го неодамнешниот „Меморандум од Исламабад“ како јасен пораз на Соединетите Американски Држави.

Во својот говор на отворањето на 20-тата сесија на Конференцијата на Парламентарната унија на земјите-членки на Организацијата за исламска соработка (ПУИС) во Баку, Азербејџан, Галибаф нагласи дека политиката на Исламската Република Иран се темели на фундаменталното верување дека безбедноста на регионот мора да ја обезбедат исклучиво земјите што живеат таму.

„Ниту една земја во регионот нема да ја најде својата безбедност во несигурноста на другите“, рече Галибаф на почетокот од своето обраќање.

Осврнувајќи се на неодамнешните тензии и конфликти, тој посочи дека тоа не е само обична воена конфронтација, туку организиран обид за промена на стратешката рамнотежа на Блискиот Исток и наметнување на туѓа волја врз слободна нација.

„Оние што ја планираа агресијата веруваа дека преку воен притисок, блокади, психолошки операции и терористички акти, можат да го принудат иранскиот народ да се повлече и да ги преобликува регионалните равенки според сопствените желби. Сепак, она што се случи беше сосема спротивно од нивните пресметки. Иранскиот народ покажа дека ерата на насилно наметнување на својата волја врз независните нации заврши. Светот виде како Иран се спротивстави и како ја постигна победата“, рече Галибаф.

Иако призна дека конфликтите донеле загуби и им нанеле голема штета на иранскиот народ, Галибаф тврдеше дека Иран на крајот успеал да ги победи САД и Израел.

„Под најтешки услови, отпорот и решителноста на една нација можат да ги уништат сите пресметки на агресорот. Трајниот мир не се постигнува со предавање, притисок и понижување, туку со сила, достоинство и меѓусебно почитување“, нагласи претседателот на иранскиот парламент.

Тој посвети посебно внимание на договорот постигнат во главниот град на Пакистан, опишувајќи го како дипломатска победа за Техеран и капитулација на Вашингтон.

„Договорот од Исламабад не е резултат на притисок и принуда, туку на отпорот и силата на иранскиот народ. Овој договор покажа дека дијалогот носи резултати само кога другата страна ќе се откаже од обидите насилно да ја наметне својата волја врз древна и цивилизирана нација и кога ќе ги признае нејзините права. Токму затоа го сметаме Меморандумот од Исламабад за декларација за американски пораз“, заклучи Галибаф.
The post Иран слави дипломатска победа: „Времето на понижување заврши, светот е сведок на крајот на американската доминација“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: