Иран соопшти дека двајца војници загинале во израелските напади

Израелската војска изврши, како што соопшти, „прецизни напади“ во Иран во приближно четиричасовна операција во раните утрински часови, пренесе ДПА.

Иран навести дека ќе возврати, но не кажа како, кога и во каква форма. Според првичните извештаи на иранските медиуми штетата наводно била ограничена. Државната телевизија јави дека звуците од експлозии во западниот дел на главниот град Техеран биле предизвикани од системи за противвоздушна одбрана, но тие не може да се потврдат.

Првично нема официјални информации од двете страни за жртви или материјална штета.

Нападите на Израел врз ирански цели се сметаат за одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври, во кој тој лансираше речиси 200 балистички ракети против еврејската држава.

Израел соопшти дека ги почнал нападите затоа што владата на Иран – и нејзините полномошници – „немилосрдно го напаѓаат Израел“ откако палестинската исламистичка група Хамас изврши терористички напад на Израел на 7 октомври минатата година. Напаѓачите убија околу 1.200 луѓе во Израел, зедоа околу 250 заложници и ја почнаа сегашната војна меѓу Израел и Хамас.

Нападите беа на седум фронтови – вклучително и директно од Иран, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) во објава на Телеграм.

Израел не само што се бори против Хамас во Газа, туку и на својот северен фронт со милицијата Хезболах поддржана од Иран, која го нападна Израел еден ден по нападот на Хамас во знак на солидарност со Хамас. Хутите во Јемен поддржани од Иран исто така го нападнаа Израел.

– Како и секоја друга суверена нација во светот, државата Израел има право и должност да одговори, нагласи ИДФ на Телеграм.

Иран соопшти дека двајца војници загинале во израелските напади на воени локации

Двајца ирански војници се убиени во израелскиот напад на воени локации низ Иран, соопшти денеска армијата.

Тие беа убиени во акција, јави иранската новинска агенција Тасним, која се смета за гласноговорник на корпусот на Исламската револуционерна гарда во земјата. Агенцијата најави повеќе детали.

Војниците загинаа во долгоочекуваниот одмазднички напад на Израел врз Иран, за време на кој Тел Авив соопшти дека извршил „прецизни напади“ врз воени цели, пренесе ДПА.

Целите вклучуваат капацитети за производство на ракети, ракетни системи земја-воздух и системи за противвоздушна одбрана, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари.

Иранските државни медиуми јавија дека имало експлозии во близина на главниот град Техеран, каде живеат од 15 до 20 милиони луѓе. Рано итрово се слушнале експлозии и во центарот на градот, а бил видлив и противавионски оган.

Пронајдете не на следниве мрежи: